СДСМ бара измени на Законот за минерални суровини во регионите каде има рудници

СДСМ бара измени на Законот за минерални суровини во регионите каде има рудници
Коалицијата предводена од СДСМ иницираше измени на Законот за минерални суровини со кои ќе се обезбеди заштита на населението и на животната средина, особено во регионите каде има рудници. За овој Предлог-закон треба да се расправа на седницата закажана за в понеделник, соопшти на денешната прес-конференција во Собранието на РМ пратеничката Мери Лазарова .

- За нас здравјето на граѓаните е врвен приоритет. Со измените, овозможуваме долгорочна заштита на животната средина и спречуваме секаква можност на загрозување на здравјето на луѓето што живеат во близина на рудници, особено ако работат со технологии што користат супстанци штетни за околината и здравјето. Целосно се забранува примена на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни супстанци при преработка на минералните суровини, хемикалии кои се опасни по живот, рече Лазарова.

Дополнително, нагласи, сметаат дека е неопходна длабока и темелна анализа од надлежните институции, како и од локалната самоуправа пред да одговорат на барањата за концесија. Од тие причини законскиот рок за одговор на институциите од досегашните 15 дена се предлага да се продолжи на 60 дена. Со тоа, нагласи таа, ќе се спречат брзи и недоволно анализирани одлуки на надлежните институции и ќе се овозможи транспарентност во постапката со што јавноста ќе има доволен временски период да го искаже своето мислење во однос на барањата на евентуалните концесионери.

- Со овие законски измени ќе се спречат ситуации како што се случаите со концесиите за површински копови за рудници за бакар и злато – Казандол во Валандово и Иловица во Босилово, кои во своите процеси користат сулфурна киселина, односно цијаниден раствор. Токму нетранспарентниот процес на одлучување за концесии за овие рудници, предизвикаа силни и остри реакции и критики од страна на граѓаните особено од југоисточниот регион кој ја препознаа опасноста од штетните политики од претходната влада, нагласи Лазарова и ги повика сите пратенички групи да ги поддржат овие законски решенија.

Горан Милевски, пак, на прес-конференција најави дека в четврток, на 1 февруари како претседател на собраниската Комисија за економски прашања закажал јавна расправа во врска со ефектите од примената на Законот за минерални суровини врз животната средина и економијата.

- Имајќи ја предвид загриженоста на граѓаните од југоисточна Македонија, кои масовно излегоа на шест референдуми, ние како пратеници имаме обврска да отвориме јавна дебата за овој проблем и да најдеме соодветно решение кое ќе обезбеди баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина, рече Милевски

Споделување со вашите пријатели: