Домашните миленичиња го подобруваат развојот на децата

Домашните миленичиња го подобруваат развојот на децата
Домашните миленичиња поттикнуваат на здрав психофизички раст и развој на најмладата популација, го намалуваат стресот и чувството на осаменост, пружаат безусловна љубов, им го збогатуваат животот и ги учат како да водат грижа за себе и за другите и да уживаат во времето поминато заедно, пишува МИА.

Според клиничкиот невропсихолог од Центарот за невропсихологија, психотерапија и психологија „Когниција“, Тина Васков, се проценува дека над 60 отсто од домаќинствата во светот чуваат милениче.

- Домашните миленичиња ни помагат во секојдневното живеење, имаат моќ да да го подобрат нашето расположение и имаат тераписки ефект врз нашето здравје, додава Васков.

Кога говориме за нашите најмили, дечињата, влијанието на миленичињата е многукратно. Деца кои растат со милениче се учат на одговорност, грижа и нега и живеат со константно чувство на сигурност.

Истражувањата, како што вели Васков, исто така потврдуваат дека миленичињата можат да ги смират хиперактивните и агресивните дечиња.

Деца кои растат со милениче се многу посмирени во однос на своите врсници и физички се поактивни. Миленичето, низ игра, му пружа она што на секое дете му е неопходно, а тоа се радост и безусловна љубов.

- Една од главните причини за терапевтскиот ефект на миленичето врз развојот на детето е задоволувањето на неговата основна потреба за допир. Гушкањето, држењето и милувањето на миленичето значително ги опушта и ги успокојува во стресни ситуации, истакнува Васков.

Миленичињата ги учат децата на одговорност

Децата преку грижата за миленичето учат што е тоа одговорност и колку е всушност важна грижата за некој друг.

Покрај тоа домашните миленичиња можат да одиграат и голема улога во формирање на карактерот на децата, особено во денешни услови, кога родителите поминуваат се помалку време со нив.

- Миленичињата го намалуваат чувството на осаменост кај дечињата, им овозможуваат да растат со чувство на одговорност и го зголемуваат нивното расположение. Потврдено е дека емоционалната интелигенција кај деца кои растат со милениче е поголема во споредба со дечиња кои ја немаат таа можност, вели Васков.

Дружењето со милениче смирува, опушта и го намалува стресот

Деца со одредени пречки во развој, како што е пример аутизам, многу подобро остваруваат контакт со животни, преку невербална комуникација, што понатаму придонесува кон подобра интеракција со луѓето во поодмината возраст. Миленичињата кај оваа категорија лица во голема мера го намалуваат стресот и анксиозноста и на тој начин го подобруваат основното расположение.

Во светот се повеќе се ангажираат животните во третман на сериозни ментални заболувања како што се депресија, шизофренија, анксиозни пореметувања, пореметувања во исхрана...

- Дружењето со милениче го зголемува нивото на серотонин и допамин, а тоа има ефект на смирување и опуштање. Во оваа насока постојат посебно развиени техники. Едната е т.н. терапија асистирана од животни (Animal Assisted Therapy), кога животното има улога нa пример на водич на слепи лица, реагира на намалено ниво на шеќер во крвта, кај лица кои страдаат од дијабет и сл. Другата терапија е т.н. активност асистирана од животни (Animal Assisted Activity), кога животните се носат во болнички установи, во резидентни установи каде се згрижени стари лица, лица со ментални заболувања и сл., и во тој случај на луѓето им се овозможува неколкучасовно дружење со животни, во одредени денови од неделата, вели Васков.

Го подобруваат имунитетот на децата

Миленичињата, исто така, имаат позитивно влијание врз различни физички симптоми кај децата како што се алергии, астма, а го подобруваат и вкупниот имунитет.

Истражувањата покажуваат дека децата кои растат со куче или со мачка имаат многу помали шанси за развивање на астма или алергија. Овие дечиња развиваат појак имунолошки систем кој многу полесно и поефикасно се бори против разни болести. Со тоа се намалува и веројатноста за развивање на алергија на кучиња и мачки, но и алергија на прашина или на трева.

Миленичето ја поттикнува социјалната интеракција

Домашните миленичиња им помагаат на луѓето полесно да започнат разговор со случаен минувач.

Секојдневните прошетки на кучињата покрај релаксирањето ги „тераат“ сопствениците повеќе да се движат, да не седат пред компјутер или телевизор. Според истражувањата луѓето кои имаат кучиња често шетаат за разлика од луѓето кои немаат кучиња, а тоа е дополнителна физичка активност во денот и согорување повеќе калории.

Споделување со вашите пријатели: