Анѓушев: Решението за „Југохром“ со внимавање и на екологијата и на економијата

Анѓушев: Решението за „Југохром“ со внимавање и на екологијата и на економијата
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека е оптимист за наоѓање решение за комбинатот „Југохром“ со кое ќе се внимава и на здравјето на луѓето и на економијата.

- Според последните информации во Факом е готова и челичната конструкција што треба многу скоро да се монтира. Ги разгледуваме сите можности и со банките и со сопственикот но како држава не можеме премногу да се мешаме во приватните компании. Сакаме да им помогнеме и на банките и на сопственикот да ја подобрат соработката и да се изнајдат средства филтерот да се изработи, рече Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање околу барањата за рестартирање на „Југохром“ и за средбата што ја побара синдикатот на работниците со премиерот Зоран Заев.

Според Анѓушев, штета е „Југохром“ да не работи со оглед на високата цена на  феросилициумот на светските берзи.

- Мислам дека комбинатот може профитабилно да работи. Сепак здравјето на луѓето нема цена и мораме да направиме состојба каде и ќе внимаваме на здравјето на луѓето и ќе внимаваме на економијата. Јас лично сум оптимист дека такво решение е можно, изјави Анѓушев.

Околу изборот на гувернер на Народната банка на Македоинија Анѓушев истакна дека очекува дека ќе се најде решение.

- Поединечни предлози не може да вродат со плод и затоа ова треба да биде еден добар пример за кохабитација. Не треба да се прават избрзани чекори од ниедна страна и таквите работи треба да се разрешат со конструктивен дијалог и да изнајде личност што ќе биде доволно стручна и квалитетна што ќе може да ја води централната банка во Македонија, рече Анѓушев.

За состојбите со Фени и наводите дека токму тој влијаел врз изборот на нов сопственик на комбинатот Анѓушев рече дека банките во овој случај се обезбедени доверители и ги добиле своите пари додека необезбедените доверители во голем дел се со постигнати договори и откупени побарувања и согласно законот постапката ја води стечајниот управник, одборот на доверители и судот во Велес.

- Додека чекаме постапката да заврши опремата не треба да се исклучи поради големите трошоци над десетици милиони евра за нејзино повторно вклучување стечајниот управител веројатно оправдано и сосема логично ја издаде на користење за некој да се грижи и за опремата и за вработените согласно Законот и да не се намали вредноста на стечајната маса туку напротив таа да се зголеми во прилог на доверителите. Мислам дека проблемот со Фени е на добар пат да се разреши, добро е што компанијата повторно работи и добро е што 67 милиони евра на доверителите нема да изгорат, порача Анѓушев.

Споделување со вашите пријатели: