Поради пожарот во „Макстил“ зголемени концентрации на ПМ 10 честички

Поради пожарот во „Макстил“ зголемени концентрации на ПМ 10 честички
Инспекторатот за животна средина попладнево соопшти дека е извршен вонреден инспекциски надзор во фабриката „Макстил“ каде што синоќа беше запалено отпадно железо.

При извршениот надзор, за кој е изготвена и фотодокументација, е констатирано дека пожарот избувнал во погонот Челичарница, на местото каде се врши т.н дробење на железото.

Од Инспекторатот потврдуваат дека погонот не бил во функција во текот на денот кога избувнал пожарот и оти на 30 април добиле писмено известување од компанијата дека погонот не работи од 29 април од 22:18 часот.

Оттаму истакнуваат дека ноќеска во три часот по полноќ, имало зголемени концентрациите на ПМ 10 честички во воздухот. На мерното место Гази Баба евидентирани се 228,02 микрограми на метар кубен, а на мерното место Ректорат 137,22 микрограми на метар кубен.

- Веќе од 5 часот, евидентирано е намалување на концентрациите, велат од Инспекторатот, додавајќи дека кај останатите параметри немало зголемување на концентрациите во текот на ноќта.

Пожарот кој синоќа избувна во Макстил прво бил забележан од страна на вработени лица околу 21:20 часот, по што е пристапено кон негово гаснење со ПП апарати. Потоа е повикана Противпожарната служба на РЖ Услуги Железарница и Противпожарната служба на Град Скопје. Во текот на гаснењето подоцна е вклучен и „Водовод и канализација“.

По целосно прибирање на сите информации, од Инспекторатот за животна средина најавуваат дека ќе излезат со уште едно соопштение за понатамошното водење на инспекциската постапка.

Споделување со вашите пријатели: