Тренд на зголемување на нивото на Дојранско Езеро, се апелира на внимателно движење и користење на плажите

Тренд на зголемување на нивото на Дојранско Езеро, се апелира на внимателно движење и користење на плажите
Дојранското Езеро бележи тренд на зголемување на водостојот, што се очекува да продолжи и во текот на наредниот период, затоа се препорачува внимателно движење покрај неговото крајбрежје и претплазливост при користење на плажите во текот на летната сезона.

Од УХМР информираат дека според извршените мерења денеска, водостојот на Дојранското Езеро на хидролошката станица во Дојран, во 07:30 часот изнесува H=250 sm, што одговара на кота од 147,43 м.н.м. што е за девет сантиметри над договорениот максимален водостој, а седум сантиметри под апсолутно забележаниот највисок водостој годинава од 147,50 м.н.м.

Во соопштението посочуваат дека поради малата површина при интензивни врнежи од дожд езерото доста брзо може да го зголеми своето ниво, а при појава на силен ветер да предизвика и бранови. Но, додаваат, исто така, поради високите температури испарувањето  над самото езеро е доста високо, така што за очекување е во наредниот период, за време на летото и високите температури на воздухот, нивото на езерото се уште да биде високо но полека да почне да го намалува својот водостој.

Потеницраат дека потребно е прецизно да се утврди состојбата со каналот Ѓолаја во Грција преку кој би требало при вакви високи водостои водата непречено да истекува на грчката страна од езерото.

Покрај природниот фактор, на перманентното зголемување на нивото на езерото, наведуваат од УХМР,  има и вештачкото влијание извршено врз него, изразено пред се преку изградбата на водоснабдителниот систем Ѓавато во 2002 година, како и вештачката регулација на езерото преку каналот Ѓолаја кој се наоѓа на грчкиот дел од езерото.

Покрај тоа што водата се врати во нормалните граници на езерото, после исклучително сушниот период кон крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите години, во изминатиов период регистрирано е и зголемување на нивото на езерото над максималниот договорен водостој, што веќе од поодамна предизвика поплавување на дел од плажите. Според договорот со Република Грција во 1940 и 1956 година максиалниот договорен водостој е утврден да биде на кота 147,34 м.н.м.

Споделување со вашите пријатели: