Тргнете ги багерите од Водно

Тргнете ги багерите од Водно
Да се тргнат багерите од Водно, додека не се донесе издржано и заеднички прифатливо решение за трасата на магистралниот гасовод кон Гостивар, побараа вчера екологистите од Владата. Тие алармираа дека градежните машини деновиве повторно сечат дрвја на сртот, каде што биле узурпирани околу 200 метри шума. Побараа целосно да се дислоцираат бидејќи се сомневаат дека се користат сите можности, скриено од очите на јавноста, работите на терен да си продолжат. Тие и во моментов не знаат по која траса работеле машините, дали првично утврдената или скратената, која ја најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при последната посета на Водно.

Седумнаесет здруженија на граѓани, кои учествуваа во Координативното тело, заедно со претставници на повеќе министерства и државни институции и Градот Скопје, уште еднаш ја повикаа Владата јавно да ја објави одлуката со која дозволува градежните работи на гасоводот да продолжат токму на јужната траса. Тие апелираа и до Градот Скопје, државниот и градскиот инспекторат за животна средина и јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, како најдиректно засегнати, на јавноста да ѝ ги соопштат своите ставови околу трасата на гасоводот. Во спротивно, велат екологистите, ќе сметаат дека Владата сама си донела одлука.

„МЕР, иако има дозвола за градба, нема дозвола за работа во заштитено подрачје. Оценката за влијание врз животна средина за овој проект е изработена дури во 2011 година, а од тогаш состојбите се многу променети. Оценката е многу општа и чудно е што е прифатена и одобрена од Министерството за животна средина. Документот не се однесува на работа во заштитено подрачје ниту, пак, во неа се специфицирани количините на шума кои ќе се исечат со овие зафати на Водно или, пак, какви дрвја влегуваат во тие количини. Од тие причини бараме нова оценка за влијанијата врз животната средина, особено за заштитеното подрачје на Водно“, посочува Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.

Тие велат дека пред да се преземе таков сериозен чекор на планината, мора да се утврдат сите ризици, за да не се повторат разорните последици што ги остави изградбата на патот за Сончев Град.

„Како главни причини за изборот на јужната траса се наведуваат временскиот и финансискиот аспект. Но не може овие аспекти да се поважни од деградацијата на нашето природно богатство. Мора да се направи сериозна анализа дали трасата не може да се премести во северниот дел од градот“, велат тие.

Од Владата вчера информираа дека во овој момент на Водно во тек се единствено подготвителни активности за препроектирање на трасата, со цел обезбедување нова траса со која ќе се обезбеди максимална заштита на животната средина.

„Нема градежни активности на Водно, а механизацијата е присутна на локацијата веќе четири месеци. Во наредниот период планирани се активности во деловите каде што не е предвидена измена на трасата, односно деловите каде што нема загрозување на животна средина“, се наведува во соопштението.

Дефинирање целосно нова траса за овој гасовод, според Владата, не е можна бидеjќи тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните: губење време за реализација на гасоводот, правни проблеми со експропријација на земјиште, губење на заемот со исплата на дополнителни големи камати, сериозно одложување на реализација на еколошкиот проект - гасовод, и со тоа поттикнување натамошно греење со огревни дрва, наместо со гас, што ја загрозува животната средина.

„МЕР изработи предлог на нова траса, со која значително се намалува опфатот на дрвна маса на Водно, со новиот предлог, опфатот на интервенција врз дрвна маса се намалува од 3.000 кубни метри на околу 1.400 метри кубни. Дополнително, трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде што има густа дрвна маса“, посочуваат од Владата и додаваат дека како компензација на оштетената вегетација, ќе се засади нова, во неколкукратно поголеми количини, ќе се оформат нови заштитни подрачја на Водно кон Матка, а ќе се пошуми и јужната страна.

Според новиот предлог на МЕР, скратената траса е предвидена да се движи покрај постојната патека, која ќе се прошири од лева и десна страна по неколку метри. Гасоводот треба да поминува на јужната страна на Водно, која во поголемиот дел не е пошумена. Од Сопиште оди кон врвот на Водно и цело време по јужната страна и се спушта кон Матка.

Сања Наумовска

Споделување со вашите пријатели: