Граѓани ја тужат ЕУ дека неамбициозно се бори против климатските промени

Граѓани ја тужат ЕУ дека неамбициозно се бори против климатските промени
Повеќе семејства од Португалија, Германија, Франција, Италија, Романија, Кенија, Фиџи и здружение на млади од Шведска ја тужат Европската Унија дека недоволно амбициозно работи за намалување на емисијата на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина до 2030 година. Тужителите сметаат дека зацртаните цели на Европската Унија за намалување на ефектот на стаклена градина не се доволни и дека ги прекршуваат нивните човекови права, а Европскиот општ суд ја прифати нивната судска постапка.

ЕУ се обврза да ги намали емисиите на штетни гасови за 40 отсто до 2030 година. Европскиот парламент и Советот на ЕУ ќе треба да ја презентираат својата одбрана за два месеци.

Тужителите не бараат финансиска отштета, туку укинување на сегашните зацртани климатски цели и воведување на повисоки цели - 50 до 60 отсто намалување до 2030.

„Целта на оваа постапка е да се заштитат луѓето, нивниот живот и нивните основни права од влошувањето на ефектите од климатските промени. Ова е многу важен случај на европско ниво и верувам дека ги имаме сите потребни докази за да одиме напред“, изјави адвокатот на семејствата Рода Верхејен.

Постапката е поддржана од повеќе невладини организации, кои се занимаваат со климатските промени.

Споделување со вашите пријатели: