Екологистите и институциите вкрстија аргументи за Водно

Екологистите и институциите вкрстија аргументи за Водно
Само 1,7 хектар шума од 2.500 хектари, колку што има на Водно, ќе се исечат за да се изгради магистралната делница на гасоводот кон Западна Македонија. Ова, според директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, е многу малку за да се смета дека со проектот се уништува планината. За екологистите, пак, секој зафат во заштитеното подрачје е недозволив и треба да се избегне со изнаоѓање алтернативна траса.

Реџепи, заедно со министрите за транспорт и врски и за економија, Горан Сугаревски и Крешник Бектеши, заменикот за животна средина, Јани Макрадули и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вчера на јавна дебата ги вкрстија аргументите за и против изградба на гасовод на Водно.

Екологистите уште еднаш повторија дека не се против проектот за гасовод, но бараат целосна ревизија на документацијата и поткрепа на тврдењата дека Водно е единствената разумна опција.

„Ако поминување на трасата на гасоводот преку Водно е единственото решение, тогаш убедете нè со анализа и аргументи. Не поминува тврдењето дека гасоводот е еколошки проект што на Скопје ќе му донесе повеќе бенефит отколку штета бидејќи оваа делница треба да носи гас кон западниот дел од земјата, а не во главниот град. Не може да му го земете воздухот на Скопје, за да однесете гас во други градови“, рече Татјана Стојановска од невладината „Го сакам Водно“.

За заменик-министерот Макрадули, пак, Водно не е заштитено подрачје бидејќи некој, по донесувањето на Законот за природа, заборавил да ја заврши валоризацијата со која ќе се утврди нивото на заштита, зоните, управувањето... Макрадули информираше и дека во ноември 2015 година била организирана јавна расправа за проектот, но никој не се јавил за збор ниту, пак, искажал некаква забелешка, па веднаш била затворена.

„Изборот на трасата на Водно не е случаен, тој е направен според компаративна и параметарска анализа во студијата за оценка на влијанието врз животната средина. Оваа траса поминува низ подрачје каде што е проценето дека шумата нема големо значење, а поголем дел од теренот е нискостеблеста шума без можност за наштетување на животните“, рече Макрадули.

Според актуелниот проект, гасоводот кон Гостивар, кој е со должина од 76 километри, низ заштитеното подрачје на Водно минува 9,3 километри. Од нив, информираше директорот на МЕР, Реџепи, само 2,5 километри се низ густа шума, каде што и појасот што ќе се сече е стеснет на 10 метри. Остатокот минува низ карстен предел. Вкупната површина на трасата зафаќа 9,3 хектари, од вкупно 4.500 хектари, колку што има Водно.

„Одлуката да се гради на Водно е донесена откако анализата покажа дека алтернативата низ Скопска Црна Гора минува низ ерозивно подрачје, а таа покрај обиколница бара скапа експропријација. И во двата случаи ќе требаше да се сече исто толку, можеби и повеќе шума отколку на Водно. Точно е дека нема да може да се ревитализира целата траса, но на поголемиот дел е дозволено повторно пошумување“, посочи Реџепи. Тој информираше дека досегашната инвестиција во документација и на терен изнесува речиси 10 милиони евра.

За екологистите, пак, Водно секогаш било заштитена зона, без разлика на пропустите во документацијата и самиот факт дека ќе се зафаќа во парк-шумата е недозволиво. Спорно е што не се мисли ниту на биодиверзитетот и на фрагментацијата на живеалиштата на животните.

„Сметаме дека земјоделското земјиште е полесно да се ревитализира отколку шумски појас. На Водно има и забранета сеча додека се гнездат птиците. Во Просторниот план планината е заведена како заштитено подрачје, така што постојат многу основи по кои оваа градба може да се стопира“, истакна Андреа Јанков од коалицијата на „Го сакам Водно“.

Сања Наумовска

Споделување со вашите пријатели: