Албанскиот јазик ги спаси Тачи и Мијалков

Албанскиот јазик ги спаси Тачи и Мијалков
Поради неприсуство на двајца сведоци, како и поради тоа што записникот од минатото рочиште не било преведено на албански јазик, вчерашното рочиште за предметот „Титаник 2“ не се одржа. Обвинетиот Мендух Тачи инсистираше да му биде обезбеден преведувач на албански јазик. Бараше да му се почитуваат законските права и изјавите на сведокот од минатото рочиште да го добие и на албански јазик за да може поубаво да го разбере и да поставува прашање.

По речиси полчасовно надмудрување со обвинителката Фатиме Фетаи која, пак, понуди преведувачот усно да му го преведе записникот или да се даде пауза за да се преведе и писмено, судијата Огнен Ставрев одлучи дека нема услови за одржување на рочиштето. Тачи, всушност, одбиваше сè што ќе предложеше Обвинителството. Коментираше дека не станува збор за тоа дали го разбира и дали сака да зборува на македонски јазик ниту, пак, се согласуваше дека албанскиот јазик му е мајчин, објаснувајќи оти точниот термин е „јазикот што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението“. Не сакаше ниту преведувачот да седне до него и симултано да му преведува додека зборува претставничката од Државното правобранителство. Инсистираше секој да си седи на место. Па, така, секоја нејзина реченица беше преведувана на глас, што непотребно одземаше време.

Не ми е целта да одолговлекувам, туку да се почитува законот“, дециден беше лидерот на ДПА.

Следните судења се закажани за почетокот и крајот на октомври. Во судницата беа присутни сите обвинети меѓу кои и ексдиректот на УБК, Сашо Мијалков. Предметот „Титаник 2“ се однесува за изборни нерегуларности во 2013 година.

Всушност, ваквиот настап на Тачи, во кој на прво место се издигнуваат правата на Албанците, а не правдата, е само надополнување на драмите што деновиве ги приредува дел од владејачката структура, која до неодамна беше во љубов со поранешната власт, а сегашна опозиција. Министерот за култура, Асаф Адеми, на пример, го оквалификува филмот „Ругање со Христос“ како навредлив за Албанците, иако воопшто го немал погледнато. На ваквата констатација се навлече целата влада, па полемиката продолжи и на социјалните мрежи, создавајќи нова омраза меѓу двете најголеми етнички групи во земјава. Се поставува прашањето кому му одговара разгорување на етничката нетрпеливост во пресрет на историскиот референдум за името на 30 септември.

Споделување со вашите пријатели: