Адријана Алачки : Рецептите од нашите мајки и баби соборија рекорд

Адријана Алачки : Рецептите од нашите мајки и баби соборија рекорд
Македонскиот традиционален готвач „Од моето срце за вашата трпеза“ на фолк-дамата Адријана Алачки доживеа четврто реиздание, што е своевиден рекорд во Македонија.

Станува збор за готвачки алманах од 400 страници напишан, како што вели Алачки, по барање на странците, а како завет за идните генерации, од Македонка, жена која е родена и живее во Македонија.

Двесте рецепти на салати, предјадења, макала и пинџури, зимница, тестенини и пити, супи и чорби, манџи, главни јадења и десерти, какви што ги подготвувале нашите мајки, баби и прабаби од сите краишта во Македонија се содржани во готвачот.

„Готвачот е наменет за следните генерации што се раѓаат во Македонија, да не ја заборават никогаш македонската храна, дека сме родени како Македонци, дека живееме овде со музиката, историјата, кујната. Јас најмногу дознав за Македонија кога ја посетив Америка, кога бев во Јапонија, кога бев во Јужна Америка, во Бразил, видов дека тие знаат повеќе за Македонија од мене. И се запрашав: ‘Адријана, што правиш?’ И она што најлесно можев да го направам е готвачот, да се оправдам себеси како Македонка. Храната е една од најбитните елементи на поврзување на семејството и на припадноста. Можеме да бидеме и претседатели на држава и славни личности, ама ние сме сите еднакви во нашиот дом во кој живееме. Затоа сум особено горда на четвртото реиздание, што е своевиден рекорд во Македонија“, вели Алачки.

Познатата фолк пејачка, со над 25 годишна музичка кариера, готви од 15. година. Сојата готвачка умешност на македонски традиционални јадења ја пренесуваше на странците, на часовите по готвење на Семинарот по македонски фолклор. Во работата на Семинарот од каде што тргна и идејата за готвачот, беа вклучени и нејзините деца Грациела и Благоја.

„Откако со семејството почнавме да го организираме Семинарот за македонски фолклор, почнавме да патуваме низ светот. Луѓето со кои се дружевме и соработувавме доаѓаа кај нас секое лето. Вљубеници во македонската храна. И постојано ме прашуваа: ‘Како се прави ова?’ Одам во Јапонија, не пречека нашиот менаџер Масару Нагае. И тој почна да ми кажува: ‘Сакам да јадам: тавче-гравче, мусака, полнети пиперки, таратур, и ред други ваши специјалитети. Сакам да ги научам да ги приготвувам. Можеш ли да ми објасниш?’ Јас му кажувам, тој запишува. Истото се случи кога отидовме дома кај нашите пријатели во Санта Барбара, Калифорнија, Роберт и Дорис Викери, организатори на нашите турнеи во Америка заедно со Стив и Жатила Дејвис. Драги пријатели од САД ни се и Дејвид Голберг и Хелен Снајвли од Бостон. Од врата останав без текст. Во куќа среде Санта Барбара - носија до носија на ѕидовите, најстарите ковани македонски пари ставени под стаклени ѕвона, првите македонски книжни пари во Македонија... Викери биле пред 40 години во Македонија и оттогаш ја истражуваат. И тие ме прашуваат: ‘Како се први тавче-гравче, како се прави пинџур...’ Не ми остана ништо друго освен да им ги зготвам. Се собираме сите вљубеници на македонскиот фолклор од Санта Барбара, дваесетина луѓе. Јас им правам тавче-гравче, мусака, полнети пиперки, таратур, шопска салата и имам бајалди. Цел ден готвев, дури и печени пиперки со оцетче, лукче и магдонос. Јадеа со сласт, макаа, беа полудени. И тоа ме предизвика, кога се вратив од таа турнеја низ Америка, да проверам дали кај нас има македонски традиционален готвач. Прво, почнав да ги редам сите книжарници. Нема. Гледам на интернет - нема, само некои изданија од жените во Австралија, ама аматерски изданија. Ми доаѓаат гости. Сакаат репрезентативни подароци. Купуваат книга за историјата на Македонија, сега викаат дајте ми книга за историјата на македонската храна - што вие Македонците јадете... Немам што да им подарам на нашите пријатели. На крај, се обраќам до Народната библиотека на Македонија и прашувам дали има такво издание, велат нема. Се будам наутро и си велам: ‘Јас ќе правам готвач’“, вели Алачки.

Најважно и било рецептите да бидат од различни краеви од Македонија, и типични за поднебјето. Да има јадења од сите региони. Од Кумановско, Тетовско, Гостиварско, Дојран, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Скопје. Потоа, да собере добра екипа.

„Собрав жени асистентки, кои знаат да готват како никој во Македонија. Жени по 70 и 80 години. Тие се права ризница на нашата кујна. Меѓу нив мајка ми, свекрва ми, золва ми, сестра ми, баба Рада, сосетките... Ги собрав сите кај мене дома и фотографот Александар Ѓорѓиев. Им ја кажав својата идеја. Ги прашував дали ќе ми помогнат да го реализирам сето тоа, зашто станува збор за организирано снимање. Мора да се направат 20 јадења во еден ден. Фотографот не може секој ден да ми доаѓа. Жените воодушевени. Прифатија да работат волонтерски, ама со голема љубов. Мајка ми оперирана со 4 бајпаса, тетка Рада со прва операција на отворено срце во Македонија“, вели Алачки.

 

Трет меѓународен „Гастромак“: Алачки ги собра пак врвните светски готвачи во Македонија

 

Врвни светски готвачи повторно се сретнаа во Македонија, а поводот е третиот меѓународен гастрономски натпревар - „Гастромак Македонија 2018“, кој почна вчера и ќе се одржува до 12 октомври во Струмица, а традиционален домаќин повторно ќе биде хотелот „Вила парк“.

Овој годишен светски собир на кулинарските мајстори и натпреварувачи, кој ќе се случува по третпат, е во организација на „Гастромак“, Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија, а под покровителство на Светската организација на шефови на кујни (WACS - World Association of Chefs Societies), со седиште во Париз, Франција.

На „Гастромак Македонија 2018“ најавено е присуство на околу петстотини судии, мастерклас-предавачи, натпреварувачи, специјални гости, од над триесетина земји од целиот свет.

 

Лејла Сабит   Фото: Приватна архива

 

Споделување со вашите пријатели: