Владата сака за две години да го преполови аерозагадувањето

Владата сака за две години да го преполови аерозагадувањето
Владата сака за две години да го преполови аерозагадувањето. Амбициозната цел вчера ја соопшти заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, кој најави дека борбата со загадениот воздух ќе биде стратегиски приоритет на извршната власт. Македонските градови со години се задушуваат од отровен воздух, а во текот на зимските месеци се во врвот на светските листи според концентрациите на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките, а Владата конечно призна дека борбата со аерозагадувањето мора сериозно да се сфати. На последната седница донесена е одлука за утврдување програма за намалување на загадувањето на воздухот, која ќе се спроведува во следните две години.

Целите се амбициозно поставени, со оглед на реалната состојба. Како што информираше Макрадули, цел е да го намали загадувањето на воздухот во Скопје до 50 отсто, а во другите градови од 30 до 50 отсто. Тој посочи дека Владата првпат одлучила од буџетот да одвои и строго наменски средства од 1,5 милион евра, кои ќе треба да придонесат за реализација на проекти насочени кон намалување на загадувањето.

„Има многу предности во усвојувањето на програмата, јасно изразената политичка волја, подобрувањето на интерсекторската соработка, поставување јасен план како да се намали загадувањето, поканата за партнерски однос со граѓанските организации и компаниите, и посебно буџетски средства исклучиво за оваа намена. Финансирањето е од посебен фонд од 1,5 милион евра, покрај другите средства во висина од 20 милиони евра кои се предвидени во програмите за работа на повеќе министерства. Дел од проектите ќе се финансираат и од странски пари, а планот ќе биде дел донаторска конференција бидејќи веќе има странски финансиски институции кои се јавиле како заинтересирани донатори“, вели Макрадули.

Владиниот план за чист воздух предвидува идната година да се набават нови инструменти за сите 18 постоечки мерни станици, со оглед на тоа дека дел од сегашните не работат со месеци. Ќе се користи и технологија за предвидување на состојбата со воздухот во реално време и ќе се прават проекции за следните три дена. Освен категоризацијата на возилата со еколошки налепници и субвенциите за хибридни и електрични возила и за вградувањето системи за автогас, ќе се воведе и зимски режим на сообраќај кога загадувањето е големо. Сообраќајот ќе биде контролиран особено во централното градско подрачје, а на граѓаните ќе им се обезбедат и подобри услови за јавен превоз. Во мерките се предвидуваат и училишни автобуси за учениците и забрана за движење на градежните машини. Дури и на куририте на државните институции ќе им биде забрането да користат возила за достава на пратки кога е загадено.

За индустријата Макрадули најави дека најбрзо ќе биде донесен новиот закон за индустриски емисии што ќе предвиди поголем мониторинг и построги правила.

„Ќе се става акцент и на зазеленувањето, а позитивниот пример со реката Треска пред вливот во Козјак ќе се искористи и на Вардар, каде што ќе се постават мрежи за собирање на цврстиот отпад. За поголема ефикасност ќе се здружат и државните и општинските инспектори, ќе работат и попладне и за викенди, кога злоупотребите се најголеми. Очекуваме и банките да даваат поволни кредити со ниски камати за купување еколошки грејни тела“, вели Макрадули.

Ќе се намалува ДДВ за сметките за парно

Една од целите на новата владина стратегија е и привлекување 10.000 нови домаќинства кон системот на парно греење во следните две години. Тоа ќе се направи со намалување на данокот на додадена вредност за испорачана топлинска енергија, кој Макрадули очекува многу брзо да се усвои.

„Граѓаните не се виновни што загадуваат, државата треба да им помогне да го надминат тоа. Топловодната мрежа ќе биде проширена, а 20.000 домаќинства ќе ги сменат нееколошките печки на дрва. Дополнително, 15.000 ќе инвестираат во енергетска ефикасност на домовите, 20.000 ќе користат инвертер-клими, а 3.000 ќе бидат приклучени на гасоводната мрежа. Ќе субвенционираме 2.000 социјално загрозени семејства да го сменат начинот на греење“, вели Макрадули и додава дека е убеден е дека овие мерки не се невозможна мисија.

Сања Наумовска

 

Споделување со вашите пријатели: