ОКТА доби признание за општествена одговорност за еко проект за прочистување нафтен талог со помош на растенија

ОКТА доби признание за општествена одговорност за еко проект за прочистување нафтен талог со помош на растенија
Проектот на ОКТА за фиторемедијација, односно прочистување на нафтен талог со помош на растенија, доби признание за една од најдобрите општествено одговорни практики во 2018 година. Признанието го доделуваат Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата со цел да се промовираат добрата корпоративна практика, иновативноста и одговорниот однос на компаниите кон заедницата и животната средина.

Проектот „Од нафтен талог, преку растенија, до чиста животна средина“ е прв од ваков вид спроведен во земјава и е реализиран во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна. Станува збор за иновативна постапка на мешање на нафтениот талог, депониран како остаток при процесот на преработка на сурова нафта во изминатите 30 години, со почва во која се одвива природен процес на биоразградување и фиторемедијација. За тоа се користи природен начин на справување со индустрискиот талог, со помош на микроорганизми и растенија, како биолошки третман во затворени бетонски базени и без употреба на хемикалии. На тој начин, наместо нафтен талог се создаде земјиште на кое се одгледуваат растителни култури.

 На овој проект работевме навистина посветено. Ги вклучивме сите потребни сектори од компанијата, академската јавност и консултиравме разни експерти од областа со цел да постигнеме што поголеми придобивки и подобри резултати. Во целата работа нè водеше идејата да создадеме решение што ќе биде корисно не само за ОКТА, туку и за сите компании кои на кој било начин се соочуваат со индустриски отпад. На местото на кое претходно имаше нафтен талог, сега се одгледуваат житни култури. Затоа верувам дека со време, овој иновативен метод ќе придонесе кон изнаоѓање ефикасни решенија за заштита и прочистување на еко системот “, изјави Татјана Рикалоска, Менаџер за здравје, безбедност и животна средина во ОКТА.

Со имплементацијата на проектот, кој се реализира во повеќе фази, раководи тим составен од вработени во компанијата, поддржан од стручната помош на проф. д-р Татјана Миткова, проф. д-р Силвана Манасиевска Симиќ и доцент д-р Миле Маркоски од Факултетот за земјоделски науки и храна. При подготовката на еко-проектот беа користени искуствата на повеќе рафинерии во странство, институции и експерти кои работат во оваа област.

Споделување со вашите пријатели: