Турска компанија создаде рендгенски скенер кој не емитира зрачење

Турска компанија создаде рендгенски скенер кој не емитира зрачење
Турската компанија „Техно арге“ (TechnoArge) создаде рендгенски скенер за аеродроми направен од композит на база на канабис, кој го спречува ширењето на зрачењето во околината, јави агенцијата Анадолија.

Генералниот директор на компанијата, Музафер Гокчимен за Анадолија изјави дека кoмпозитниот материјал го блокира емитирањето радијација.

– Индустриското влакно од канабис, кое се користи во изработка на композити, го апсорбира зрачењето, рече тој, додавајќи дека скенерот исто така врши и дезинфекција на багажот за време на скенирањето.

– Скенерот со икс-зраци е патентиран во 144 земји, додаде тој.

Според британскиот Институт за радиологија, стандардните рендгенски скенери емитираат многу ниски количини на зрачење.

– Компанијата, исто така, работи на изработка на елек отпорен на куршуми произведен со композит од канабис, рече Гокчимен.

Тој нагласи дека овие елеци се полесни, поевтини и 20 пати поиздржливи од стандардните панцири.

– За околу една година сакаме да започнеме со производство на автомобилски материјали од композити од канабис, додаде тој.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган неодамна соопшти дека 19 турски градови се овластени за одгледување канабис, потсетува Анадолија.

Од 1990-тите години, производството на канабис е ограничено со цел да се спречи производството на марихуана. Канабисот се користи како суровина во автомобилската, дрвната, градежната, текстилната индустрија, во козметиката, производството на биодизелот, во прехранбената и индустријата за хартија.

Споделување со вашите пријатели: