„ЗАС Г20“ претставува проект реализиран од страна на тимот на „ББ Класик Карс“, со финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој и со поддршка на повеќе специјализирани фирми и занаетчии, а е насловен „Замена на мотор со внатрешно согорување на класичен автомобил „фиќо“, со електричен мотор“ .
Претставникот од „ББ Класик Карс“, Ален Јегени, нагласи дека возилото има нулта емисија на јаглероден диоксид, досег со едно полнење до 150 километри во реални услови на возење, како и максимална брзина до 130 километри на час.
-Шасијата и дел од опремата на ЗАС се преземени од некогаш популарното „фиќо“. Времето на полнење изнесува три-пет часа на домашен мрежен приклучок, исто толку и на јавен наизменичен приклучок, а на јавен брз еднонасочен полнач доволни се 15 минути, нагласи Јегени.
Тој рече дека електричното возило ЗАС може да се модифицира врз неколку модели: G20 – класично градско возило, TC20 – градско возило со спортски изглед, TCR20 – спортско возило за град, TCR50 – спортско возило за натпревари и дека времето за испорака е околу два месеци од дефинирањето на нарачката.
Меѓу предностите на електричните возила се екологијата и зачувувањето на животната средина, а и видни се и можностите за поголемо искористување на обновливите извори на енергија, независноста од фосилните горива, стабилноста на електро-енергетската мрежа, ниската бучава и малите трошоци за одржување.
Јован Петроски од тимот за развивање на „ЗАС Г20“ ги напомена придобивките на електричните мотори, како што се: економичноста, аерозагадувањето и големата издржливост.
Атанас Ивановски од германската фабрика „Кеслер“ изјави дека е изненадување тоа што во една мала земја, како што е Македонија, да доаѓаат вакви идеи и новативни решенија.
-„Кеслер“ одлучи во Македонија да отвори компанија за производство за компоненти за електрични мотори. Овој проект е плод на заедничката соработка со „ББ Класик Карс“ и еден од производите што „Кеслер“ ги има во своето портфолио на електро-мобилност, рече Ивановски.