Кинески хороскоп - година на свињата

Кинески хороскоп - година на свињата
За повеќето жители на планетата новата година започнува на 1 Јануари, но за жителите во Кина таа започнува со младата месечина во февруари, односно на 5 февруари 2019 година. Ова е година во знакот на земјената Свиња, знак кој се поврзува со просперитет, среќа, благосостојба, како и уживање во повеќе сектори во животот. За ваше задоволство, направивме мини-анализа за сите знаци на кинескиот хороскоп, која ќе ви покаже со какви влијанија ќе се соочувате во текот на оваа година.

СТАОРЕЦ

(1936, 1948, 1960, 1972, 1984, 1996, 2008)

Како најшармантен, љубопитен и харизматичен знак на кинескиот хороскоп во годината на Свињата, ќе уживате максимално во животот. Автоматски ќе тежнеете кон своите интереси. Ова е време да ги оставите старите работи во минатото. Знајте дека вие нема да го избирате друштвото, туку тие вас ќе ве избираат, поради вашата позитивната личност и енергија. Ќе зрачите со неверојатна интелигенција и подеднакво ќе ги освојувате и пријателите и непријателите. Изразениот увид ќе ве води лесно и брзо до саканите цели. Во љубовта ќе бидете страсни и посветени, но ако сметате дека сте на кој било начин изневерени, нема да може да простите. Сепак, вашата година е 2020 година, па затоа не треба да правите ништо драстично оваа година. Без песимизам и нервоза. Кротете ја својата нетрпелива природа.

БИВОЛ

(1937, 1949, 1961, 1973, 1985, 1997, 2009)

Прилично тврдоглави и упорни, дури и ако потклекнете во годината пред себе, сепак ќе ја најдете потребната сила за да застанете на нозе. Ќе бидете во можност да ги преместите дури и планините ако се грижите за нешто или за некој. Ако сте без пријатели или семејство, животот ќе има малку значење. Со оглед на тоа колку сакате да се давате, ќе барате многу и би можеле да бидете многу посесивни и љубоморни. Исто така, може да ви се замери дека сте премногу традиционални и конзервативни и дека сте без имагинација. Во бизнисот ќе бидете безмилосни, сè додека не дојдете до саканото и нема да се откажувате. Затоа сè што е започнато минатата година ќе биде исплатено пред крајот на 2019 година, што нема да биде проблем за вас. Во тоа се состои истрајноста, затоа бидете мудри.

ТИГАР

(1938, 1950, 1962, 1974, 1986, 2010)

Со вашиот шарм, природен магнетизам и храброст, ќе успеете да постигнете многу оваа година. За вас, годината на Свиња ќе биде со исто темпо како и 2018 година, а акцентот ќе биде на тоа да станете подобри луѓе. Ова е година во која ќе изнајдете скриени пријатели и ќе вложите напор да сте пофлексибилни и толерантни од вообичаено. Ќе водите сметка да не се мешате во настани кои не ве загрижуваат директно бидејќи не сакате да ја нарушите својата репутација. Обрнете внимание на домот и најдете време за патување. Грешките што ги направивте во минатото се одличен начин да научите како да реагирате сега. Прекрасни изненадувања, оригинални подароци и почеток на долгоочекувана љубовна врска ве чекаат во текот на кинеската 2019 година: влегувате помудри во следната 2020 година.

ЗАЈАК

(1939, 1951, 1963, 1975, 1987, 1999, 2011)

Иако не ви смета да сте во центарот на вниманието, вие сте во суштина прилично конзервативни. Со суптилни и интелигентни тактики доаѓате до своите цели. Во 2019 година ве очекуваат прекрасни настани на личен и семеен план. Култивирајте ја својата мрзелива, безгрижна и снобовска страна и ќе добиете поддршка од влијателни и важни луѓе: имајте предвид дека оваа година е погодна за инвестирање во недвижен имот. Кога станува збор за љубовта, ќе внимавате на љубовни триаголници. Размислувајте како да инвестирате во заедница со партнерот, избегнувајте конфликти и научете да им кажете Не! на луѓето кои сметате дека се енергетски вампири. Избегнувајте да се нервирате поради ситници и не паничете. Обидете се да имате сочувство и за поширокиот круг на пријатели.

ЗМЕЈ

(1940, 1952, 1964, 1976, 1988, 2000, 2012)

Ниеден знак во кинескиот хороскоп не е толку сјаен колку што сте вие: конечно се ослободувате од синџирите на минатото и годината пред вас ќе биде година на среќа и просперитет. Во 2019 година, ќе бидете вистински Змеј, и ќе се вратите со сета своја моќ и сила на приватен и бизнис план. Ова не е година на ризични однесувања, а е сепак време во кое што ќе успеете да ја вратите својата сила и се вратите освежени. Ѕвездите ќе бидат сочувствителни кон вас и, уште поважно, вашиот оптимизам и надеж ќе ви се вратат, вашите заштитни знаци, кои поради непријатните настани од минатата година практично исчезнаа. Најдете начин да простите и да заборавите на одмаздољубивоста и така ќе напредувате полесно. Со нови реализации се враќате на сцена и повторно блескате. Вие го можете ова!

ЗМИЈА

(1941, 1953, 1965, 1977, 1989, 2001, 2013)

Шармантни и заразни, елеганти и рафинирани ова е година која ќе биде мошне променлива за вас, така што повремено ќе се менуваат лошите и добрите периоди. Она што ќе ви го одзема мирот се малите секојдневни ситници, дневни проблеми кои на крајот ќе успеете да ги пребродите. Поради сето ова, може да имате впечаток дека ништо не ви оди од рака, па ќе треба да се потрудите повеќе и да вложите поголем напор да ја одржите рамнотежата. Искористете ги доблестите на својот знак и правете трансформација со време: кога ќе видите дека нешто не оди, сменете ја кожата т.е. тактиката и ќе го постигнете саканото. Ќе извлечете поука од минатите неуспеси, за што ќе ви треба хумор за да останете при контрола. Бидете трпеливи и мудри и учете повеќе. Сфатете што е потребно за да напредувате. Време за промени.

КОЊ

(1930, 1942, 1954, 1966, 1978, 1990, 2002, 2014)

Секогаш во движење, храбри и неуморни, првото нешто со кое што ќе се соочите во годината на Свињата е дека ви е потребна релаксација: треба да се одморите подолго од вообичаеното. Може да имате силно чувство дека само во кругот на семејството ќе може да си ја вратите енергијата и да направите рекапитулација на сето она што го направивте или постигнавте, за да може да се фокусирате на нови цели понатаму. Почетокот на годината е насликан со замор, незадоволство, но вие сте амбициозни и ќе имате сила да ја надминете оваа тежина: дури и ако сте поединец, сепак не сте и отуѓен од општеството. Напротив, активно ќе учествувате во секоја акција која е насочена кон благосостојбата на вашата заедница. Ќе се борите за егзистенција и ќе најдете време за одмор и уживање во декоративна средина со саканите.

КОЗА

(1931, 1943, 1955, 1967, 1979, 1991, 2003, 2015)

Важите за најголем естет во овој зодијак и имате длабоки увиди, визија и интелигенција. Годината на Свиња за вас најавуваа многу поволен и стимулативен период на изненадувања, забава, среќа и љубов. Со цел да ги искористите сите придобивки што ви се нудат, треба да бидете свесни и за вашата доблест и за вашите маани. Внимавајте на каприциозноста и непопустливоста и ќе успеете и во најтешките услови. Ќе треба да направите мали напори за одржување на рационалноста и искористување на можностите во овој поволен период. Ќе бидете полни со доверба, што ќе ви овозможи да влезете во некои херметички затворени социјални кругови. Сега ќе може да продолжите напред без страв или завист од животната средина. Ова е година на големи соништа: препуштете се. Ќе успеете да ги искористите своите таленти.

МАЈМУН

(1932, 1944, 1956, 1968, 1980, 1992, 2004, 2016)

Талентирани, полни со идеи и прагматични, ќе бидете под заштита на ѕвездите во 2019 година. И покрај фактот дека ќе доживеете неколку подеми и падови, кои ќе ги поднесете стоечки, сепак ќе продолжите со позитивната динамика до крајот на оваа година. Ќе ја искористите добрата страна која ќе ви донесе годината на Свиња и ќе почнете многу нови работи: на професионален и интимен план. Ќе го проширите бизнисот и ќе вложувате во нови контакти и ќе продолжите да излегувате од секојдневните проблеми благодарение на среќата што ве следи од минатата година. Сега, сепак, сè е во ваши раце и, без оглед на можностите што ќе ви бидат дадени, успехот зависи само од вас. Имајте во предвид дека на овој пат не смеете да ги заборавите вашите соседи и блиски. Успевате да ја вратите својата моќ.

ПЕТЕЛ

(1933, 1945, 1957, 1969, 1981, 1993, 2005, 2017)

Агилни, убави и полни со идеи, ова е нешто поповолна година за вас. Дарежливоста на земјената Свиња, која припаѓа на 2019 година и која ќе им даде предност на металните знаци, ќе ви помогне да ги постигнете своите најголеми аспирации, а потоа ќе ви овозможи да искусите мешани емоции и конечно да ги излекувате раните од минатото за да ја контролирате вашата судбина подобро. Во 2019 година, може да сметате несомнено дека среќата ќе ви биде придружник. Сепак, ова ќе се случи само ако успеете да воспоставите реални и остварливи планови за да избегнете одредени проблеми со кои што во исто време би можеле да се соочите. Покрај тоа, ве чекаат многу плодни состаноци, пријатни патувања и профитабилни инвестиции. За разлика од минатата година, ќе можете посигурно да се движите.

КУЧЕ

(1934, 1946, 1958, 1970, 1982, 1994, 2006, 2018)

Сочувствителни и интелигентни, ќе бидете срдечно поканети на многубројни состаноци и прослави. Сепак, домот ќе биде вашиот центар на светот, ќе сакате да уживате во декорацијата околу куќата и градината. Сега е време да се види што е зад вас и треба да се подготвите за она што доаѓа. Сепак, ќе разберете дека треба да се грижите прво за себе си и да ги избегнувате стресните ситуации што е можно повеќе. Ќе ве исполнуваат малите задоволства и нема да стремите по секоја цена кон нешто недостижно. Полесно ќе склопувате нови познанства, кои ќе ви донесат многу нови можности, приватно и професионално. Ова е година во која ќе разберете многу работи од минатото и ќе треба да ги интегрирате тие промени во секојдневието. Бидете скромни, дружељубиви и чесни и ќе успеете во својата цел.

СВИЊА

(1935, 1947, 1959, 1971, 1983, 1995, 2007, 2019)

Лојални пријатели, големи гурмани, полни со стил и перфекционисти , ова ќе биде година во која што ќе успеете многу! Во годината на земјената Свиња сè ќе ви оди рака, па така и довербата ќе расте природно. Успехот и среќата ќе ви ја вратат самодовербата, а бидејќи ќе блескате, можно е да се разбуди кај некои луѓе завист. Ќе привлечете многу нови пријатели, но некои ќе бидат добронамерни, а другите само ќе гледаат да ги искористат предностите на вашето друштво. Затоа, бидете внимателни бидејќи нема веднаш да ги видите вистинските намери на тие лажни поединци. Време е да се види сè зад вас и да се собере сила за иднината. Во потрага по целосна среќа, ќе се вивнете на брановите на нова енергија. Тргнете ги оние за кои сметате дека ја црпат вашата енергија. Бидете свои.

Ирена Танчева

АСТРОЛАБ

tancevai@yahoo.com

Споделување со вашите пријатели: