Чуден протест: Млад режисер пред Владата на Хрватска чита дела кои повеќе не се лектири

Чуден протест: Млад режисер пред Владата на Хрватска чита дела кои повеќе не се лектири

Ловро Крсник е млад театарски режисер од Хрватска, кој се одлучи на чуден протест откако дел од лектирите беа исфрлени од списокот задолжителни, а биле негови најдраги во времето кога учел.

„Тие беа тука за мене, кога растев“, вели Ловро за Малиот принц, Пипи Долгиот Чорап и многу други ликови од фантазијата.

Веќе шест дена доаѓа пред зградата на Владата во Загреб и наглас чита дела кои веќе ги нема на списокот задолжителни лектири. За својот протест редовно пишува на социјалните мрежи, посебно на инстаграм и Фејсбук, каде во живо го пренесува секое читање. Секој ден чита во различно време, но за тоа известува на друштвените мрежи.

„Секако, потребно е да се прилагоди и да се унапреди школскиот курикулум со времето во кое живееме, но мислам дека никако тоа не смее да се случи на сметка на книжевноста. Периодот на задолжително школување и онака брзо поминува во однос на остатокот од работниот живот и на многумина тоа им е единствениот период кога ќе се сретнат со четиво кое спаѓа под класици“, вели Ловро за Srednja.hr.

Интересно е што се уште никој од Владата не присуствувал на негово читање. До сега му пришле само службеници од обезбедувањето, полицајци и граѓани.

„Секој пат ми бараат лична карта, а потоа ги прашувам: „може ли да ви читам вам“, па се смееме заедно и ме пуштаат слободно да продолжам со својата акција. Вчера отидов до полиција да побарам дозвола за јавен собир, но ме испратија со насмевка и ми рекоа дека не правам ништо противзаконско туку само читам на јавно место“, вели Ловро, кога дошле да го слушаат само осум граѓани кои разбрале за неговата акција од социјалната мрежа, а се надева на поголем број луѓе.

Споделување со вашите пријатели: