Глас нека снема...

Глас нека снема...
 Александра М. Митевска

Една од популарните реплики на Гордана Јанкулоска во „бомбите“ што своевремено одекнуваа од „Бихаќска“ - „ливче нека снема“ - се преслика во модифицирана форма, за време на викендот, во една од собраниските сали каде што заседаваше Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во обид да се донесе одлука за (не)одземање на имунитетот на поранешниот спикер Трајко Вељаноски.

Добро познатата изборна манипулација наречена „бугарски воз“, на која алудира поранешната министерка за внатрешни работи во телефонски разговор со еден тогашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во случајот со пратеничкиот имунитет на Вељаноски значеше исчезнување (во клучен момент) на клучниот глас за донесување препорака околу барањето на Кривичниот суд за одредување притвор на поранешниот спикер. Така, комисиската седница, сосема неочекувано, заврши нерешено.

Како што со едно ливче помалку може да се наруши целиот резултат на едно избирачко место, така и еден „исчезнат“ глас се покажа како причина да се поремети целата постапка за симнување на пратеничкиот имунитет на Вељаноски. И, како што изборните нерегуларности се сметаат за мошне тешки кривични деликти и за нив се водат постапки против дузина функционери од претходната власт, така и терористичкото загрозување на уставниот поредок, за што сега се товарат поранешните први луѓе на државата - покрај Вељаноски и експремиерот Никола Груевски - е дело за кое е предвидена минимална казна од десет години затвор и за кое тешко се избегнува притвор, освен во ситуации кога осомничениот или обвинетиот е политички моќник кој може да се повика на имунитет, да избега од државата или, пак, да чека амнестија.

Така и во случајот со Вељаноски, непосредно пред гласањето во матичната Комисија, од салата го снема пратеникот на ДУИ, Агим Шакири, кој потоа се пожали дека му се слошило и завршил во болница, додека неговата сопартијка и заменичка го барала патот од Гостивар за Скопје, но не успеала да стигне навреме. Добрата вест е дека Шакири, сепак, брзо закрепна, па веќе следниот ден излезе од болница и се појави на пленарната седница. Неговото кусо боледување, во клучен момент, се наметна како вовед во драмата што следуваше и чиј епилог беше останувањето на Вељаноски на слобода, и покрај тоа што е осомничен како еден од организаторите на насилствата во парламентот на 27 април 2017 година. Тоа е датумот што ќе остане запишан во аналите на македонскиот парламентаризам како крвав четврток, покрај црниот понеделник кон крајот на 2014 година, кој е мемориран исто така како големо петно во ерата на претседателствувањето на Вељаноски со законодавниот дом. Таа ера, и официјално, заврши токму во таа крвава ноќ во Собранието, кога Вељаноски, по четиримесечно пролонгирање на конститутивната седница, беше приморан да му го отстапи спикерското столче на Талат Џафери. Само што за разлика од лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, како и многу пратеници на СДСМ, од кои дел вчера се остреа да гласаат за одземање на имунитетот на Вељаноски, Џафери  излезе без модринки и гребнатинки од парламентот на 27 април, односно само со етикета на спикер што опозицијата не го признава.

За иронијата да биде поголема, актуелниот претседател на парламентот, во неделата, токму во ноќта на „Оскарите“, си ја додели главната улога во сценариото што, очигледно, го составиле некогашните партнери - ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а кое заврши со спасување на Вељаноски од притвор. Сепак, претставата што доцна во ноќта се одигруваше во собраниската сала покажа дека некогашниот офицер во ЈНА и во АРМ е подобар како рецитатор на поезија на Ацо Шопов отколку како актер во политички трилер.

Сценариото на поранешните коалициски партнери се покажа мошне проѕирно дури и за најнаивните политички набљудувачи. Во изминатите близу две години, колку што е Џафери на чело на парламентот, имало и поголеми кошкања во собраниската сала, ама тој не ги прекинуваше седниците, и покрај тоа што тогаш немаше рокови во кои требаше да се донесе одлука. Зошто, на пример, Џафери не ја прекина седницата кога поранешниот премиер Никола Груевски го поли со вода во моментот кога требаше да се гласа за Законот за јазици? Веројатно, затоа што ДУИ беше силно заинтересирана да се донесе регулативата за двојазичност!

Така и овој пат, очигледно, беше во интерес на ДУИ да се извојува „амнестија“ за една од ударните тупаници на партијата со која до вчера беа во коалиција исто толку време колку што и Вељаноски беше на чело на Собранието, а со која, очигледно, добро ги истренирале тактиките на снемување ливчиња или гласови. Всушност, случајот со Вељаноски покажа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат уште многу заеднички интереси. Затоа, сега подобро се гледа заднината на опструкциите за решавање на статусот на СЈО - обвинителството кое всушност и беше формирано за да ги расчисти корупциските скандали во времето на владеењето на Никола Груевски и Али Ахмети. Сега, се појасни и игрите топло-ладно што ги приредуваат „интегративците“ во однос на нивната лична идеја за консензуален кандидат за шеф на државата. Од тој аспект, и за саркастичните објави што осамнаа вчера низ социјалните мрежи дека Џафери или Вељаноски би биле одлични кандидати за консензуален претседател, може да се каже дека не се далеку од реалноста. Реалност во која ДУИ ја злоупотребува својата одлучувачка позиција во парламентот за да флертува по потреба - еднаш со СДСМ, друг пат со ВМРО-ДПМНЕ.

Споделување со вашите пријатели: