Секунда

Секунда
Лејла Сабит

Животот во една секунда, или секунда која значи живот.

Некогаш во една секунда го гледате целиот живот, а некогаш за секунда ви се менува животот.

На подобро или полошо, очекувано или неочекувано, од ваше или невнимание на другите, зашто ѓаволот ве тера или ангелот ве спасува, заради игра на судбината или виша сила, ако верувате во тоа, зашто сте се нашле во погрешно време на погрешно место или во вистинско време на вистинско место... кој да знае.

Го вртите филмот стопати, зошто, како, мораше ли, зошто баш јас, ги преиспитувате вашите претходни постапки и по милион пат се прашувате каде или кому сте згрешиле...

Во младоста додаваме години, во староста-ги криеме, а ретко кој споделува или се фали со моментите кои ни го прават животот повесел или потажен, ги држиме во себе, како скапоцени тајни или грешки кои сакаме да ги надминеме или заборавиме.

Суеверните пак веруваат на теоријата дека господ ни дава товар во животот токму колку што можеме да издржиме и физички и ментално, но сепак, телото, срцето и душата некогаш не можат да издржат и се простуваме од нашите најмили кога најмалку очекуваме.

Животот најчесто го сфаќаме здраво за готово, како нешто што не може да ни се случи нам и на нашите најблиски, сега, денес и оваа година, во оваа земја и на овој континент, моќни или богати, граѓани без привилегии и сиромашни, ама реалноста од ден на ден ја демантира нашата зачауреност во еден надреален комфор, кога околу нас се случуваат трагедии, болести, несреќи, војни, мигрантски живот, лишувања од слобода..

Можеме ли животот да го планираме или животот има друг план за нас?

Секој ден треба да го цениме од претходниот, да бидеме среќни наутро дека сме живи и здрави, а секоја наша трагедија или несреќа не учи дека ништо не е вечно и трајно, дека моментите, спомените и малите нешта ни го прават животот таков каков што го живееме, а лоши, злобни, алчни луѓе околу нас имало, има и ќе има и понатаму.

Ништо во животот на еден човек, двојка, семејство или држава не изгледа како што е.

Некогаш сликата е вистинска, некогаш е лажна, некогаш рајот е пекол, а пеколот е рај, нечија радост за друг е трагедија, а некому нечија трагедија му измамува насмевка.

Лошите вести секогаш патуваат побрзо од среќните вести и тогаш ги препознавате пријателите, а и сеирџиите.

Секој момент е скапоцен и неповторлив, по снегот во Скопје, на ред е сонцето, и во природата и во животот.

Време беше!

Споделување со вашите пријатели: