МЗ:Првпат лицата со ретки болести имаат вистински третман од државата

МЗ:Првпат лицата со ретки болести имаат вистински третман од државата
Во Република Северна Македонија првпат лицата со ретки болести имаат вистински третман од државата. Првпат е воведен електронски регистар за следење на лицата со ретки болести, се проширува листата со лекови и се води систематизиран пристап по ова прашање.

Ова го наведува Министерството за здравство во реакција на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, во која стои дека наведените обвинувања  од партијата не соодветствуваат со вистинската слика.

-Во 2017 година буџетот на Министерството за здравство за ретките болести изнесувал 210 милиони денари. Во 2018 година, буџетот изнесувал 224 милиони денари. Оваа година, буџетот за ретките болести изнесува 380 милиони денари, но со заложби на Владата овој буџет ќе се зголеми на 450 милиони денари, наведуваат во реакцијата.

Во неа се додава дека минатата година се воведоа три нови лека, од кои еден за болеста фамилијарна амилоидна полиневропатија, апластична анемија и нов лек за болеста Гоше. Годинава, се воведуваат уште на два нови лека, меѓу кои и нов лек во таблетарна форма за болеста Гоше.

-Набавката којашто се споменува од страна на ВМРО-ДПМНЕ е дел од спроведувањето на Програмата за борба против ХИВ. Станува збор за програма што се спроведува со невладиниот сектор за превенција и едукација за сексуално преносливите болести. Превенцијата е поврзана со едукацијата, а за разлика од порано кои овие средства за едукација беа покривани од страна на Глобалниот Фонд, сега се на сметка на Министерство за здравство. Најголем дел од планираните средства ќе одат за набавка на антивирусна терапија и тестови за следење на ХИВ инфекцијата. Дел од средства одат за едукација и превенција, каде спаѓа и оваа набавка. Превенцијата од ХИВ е неопходна за секој поединец, стои во реакцијата од Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека водат грижа за сите граѓани во Република Северна Македонија да имаат навремена и квалитетна здравствена заштита.

-Не би сакале да навлегуваме во причините за одржување на прес конференција на ВМРО ДПМНЕ каде повеќе се извртува вистината, отколку да се информира и би сакале во иднина да видиме посериозен пристап на опозициската партија за прашања во здравството што се пресериозна тема за несериозен пристап и изигрување со податоците, наведуваат во реакцијата.

Како Министерство, посочуваат се отворени за комуникација и порачуваат дека следниот пат кога опозициската партија ќе има дилема за некое прашање отворени се за дискусија и целосно информирање во интерес на јавноста.

Споделување со вашите пријатели: