„Не сум феминистка“

„Не сум феминистка“
Румена Бужаровска

 

Еве, само неколку податоци кои даваат сликовит приказ на состојбата по прашањето за родовата еднаквост:

Во Македонија, кога зборуваме за тоа кој раководи со земјата, имаме 6 градоначалнички наспроти 75 градоначалници. Во Владата има само 4 министерки наспроти 21 министер. На една фотографија неодамна објавена во медиумите, на која е прикажано како претставници на неколку партии избираат претседателски кандидат, на масата седат 49 мажи наспроти 3 жени.

Во Македонија, 29,5 отсто жени со високо образование се невработени, наспроти 13,5 отсто невработени мажи со ист степен на образование.

Во Македонија, жените со високо образование на час заработуваат 45 денари помалку од мажите со високо образование.

Во Македонија, иако 59 отсто од дипломираните и магистрираните се жени, 75 отсто од работодавците се мажи. Понатаму, во претпријатија во кои се вработени повеќе од 10 луѓе, работодавци се само и само мажи.

Во Македонија, вработените жени имаат значајно помали примања од вработените мажи и во просек земаат под 15.000, за разлика од вработените мажи кои земаат нешто над 20.000.

Во Македонија, жените трошат 18 пати повеќе време на миење садови, трипати повеќе време за грижа на деца, 12 пати повеќе време на чистење во домот, девет пати повеќе време на готвење.

Во Македонија, 43 општини немаат матичен гинеколог. (Горенаведените податоци се преземени главно од „Реактор“).

Во светот, жените на возраст меѓу 15 и 44 години имаат поголеми изгледи да умрат или да бидат осакатени поради насилство извршено од страна на маж отколку од рак, маларија, војна и сообраќајни несреќи заедно (види во „Men Explain Things to Me“ од Ребека Солнит).

Ова се само неколку факти. Ги има илјадници. И покрај сè, се чини дека секоја година, секој месец, секоја недела и секој ден треба да се објаснуваме за очигледното постоење не само на родова нееднаквост, туку на сериозна и загрижувачка дискриминација кон жената како во нашето општество, така и во светот. Објаснувањето и убедувањето за нешто толку очигледно ми е еднакво апсурдно како кога треба да се расправам со трупцине кои веруваат во тоа дека земјата е рамна, или антиваксерите.

Објаснувањето на тоа зошто сум феминистка, во 21 век, во пост #MeToo времето, во ерата на благодатните слободно и лесно достапни информации ми е еднакво апсурдно и мачно.

Објаснувањето на тоа дека да не беа феминистките, сега немаше да можам да облечам панталони, да си изберам партнер, да одам на факултет, да гласам, да поседувам имот, да одам на работа, да изберам дали ќе родам дете или не, да возам автомобил, да излезам сама на улица, да барам правда доколку бидам сексуално вознемирувана или нападната и еден тон други работи кои не беа нормални за генерацијата на мојата баба - ми се еднакво апсурдни и мачни.

Затоа секоја година, кога се наближува 8 Март, ден кој погрешно нè учеа дека ја слави само мајката - оти тоа е единствениот начин на кој патријархатот ја вреднува жената - ме облева очај и жал кога на некој од феминистичките настани кои се занимаваат со женските права се појавуваат (успешни, често прекрасни) жени со нивното упорно тврдење: Јас не сум феминистка.

Ги разбирам овие жени (до некаде). Не сакаат да бидат гледани како различни. Сакаат да бидат вреднувани врз основа на својот труд. Но има и нешто друго - а тоа е дека несвесно и неуко се наклонуваат кон говорот на мажите (леле да, не сите мажи!) кои гаат потценувачки однос кон феминизмот, делумно основан на незнаење и (би рекла, во оваа ера на информации, срамна) неинформираност, но најмногу на страв од губење на незаслужените, наследени позиции на сила, моќ и превласт, во кои тие ги диктираат тековите на она што е „кул“ и прифатливо. Не сакаат да ја загубат таа наследена позиција, небаре светот нема да стане подобро место за живеење во недостигот на постојаното угнетување врз пола човечки род. Нејсе, на крајот, декларираните нефеминистки повторно сакаат да бидат дел од главно тековното. Сакаат да бидат прифатени од страна на палавите смешни момчиња на кои сè им се простува, момчињата кои ги поставуваат правилата и ги избираат играчите.

Ама, така беше досега. Среќна сум што живеам во време кога промената е вртоглава и се чувствува. Среќна сум што палавите смешни момчиња на кои за сè им беше простувано сега се буцкасти диносауруси што колку сакаат можат да рикаат дека не доаѓаат на феминистичките настани и не ги поддржуваат феминистичките иницијативи бидејќи не сме ги вклучувале нив (треба, ми велат, како сите да посетувале ист курс, повеќе да ги вклучувате мажите во вашите активности. Ха ха ха). Среќна сум што следните генерации девојки ќе имаат четириесет пати повеќе слобода и можности од генерацијата на баба ми.

Затоа, среќен 8 Март, феминистки и феминисти.

 

Споделување со вашите пријатели: