Јас тебе, ти мене

Јас тебе, ти мене
 

Звонко Давидовиќ

Седел еден познат професор во кафеана со своите пријатели и додека разговарале до нивната маса дошол еден млад човек и му се обратил на професорот со огромна почит, молејќи го да го почести професорот и неговото друштво да ја плати сметката затоа што книгите што ги напишал професорот на младиот човек многу му помогнале во животот, па на овој начин сакал да се оддолжи. Професорот културно го одбил обраќајќи му се со зборовите: „Велиш дека јас со моите книги сум направил нешто добро за тебе, па ти сега сакаш мене да ми вратиш со добро. Со еден збор, јас тебе, ти мене. Токму тоа, јас тебе, ти мене, е извор на корупцијата. Ако јас нешто добро сум направил за тебе наместо ти мене да ми вратиш со добро, направи нешто добро за некој друг, кој потоа ќе направи нешто добро за друг и така се прави круг на добрина. Тоа - јас тебе, ти мене, е одлика на племенски заедници кои се карактеристични за целиот Балкан. Токму затоа корупцијата е и толку присутна на овие простори и ние како современи луѓе сме повикани да се издигнеме над тоа“.

Оваа анегдота ја прочитав и се замислив над зборовите на професорот прашувајќи се колку навистина сме успеале да се издигнеме и да напредуваме споредувајќи се со нашите предци. Ако го занемариме технолошкиот напредок и научните достигнувања кои ни го олесниле, но во исто време и искомплицирале животот, во морална и интелектуална смисла мислам дека само сме назадувале.

Не така одамна, во блиското минато, се вреднуваше и почитуваше знаењето, образованието и културата. Се почитуваше и многу полагаше на домашното воспитување, се внимаваше на однесувањето секаде и на секој чекор. Младите ги почитуваа постарите, учениците професорите, а сите ние ги почитувавме вредните и паметни луѓе. Чесноста и искреноста беа доблест, кон одмереноста и доброто однесување се стремевме како кон идеал, а на умот и знаењето им се восхитувавме. „Дневникот“ почнуваше со насмевката на водителот или водителката, кои најавуваа гостин кој имаше што да каже и кој беше признат и познат во својата област. Родителите беа горди на своите деца и поминуваа време со нив учејќи ги и воспитувајќи ги да бидат чесни и трудољубиви. Децата си играа по тревниците и во ладот на безброј дрвја. Болниците личеа на болници, а здравствените услуги беа подеднакво достапни секому. Криминалците одеа во затвор, а неказнет остануваше само оној кого немаше да го фатат. Патувавме слободно и без страв дека некој некого ќе киднапира или ќе го снема. Верската и национална припадност не беше битна и честопати и не знаевме кој е со каква националност или вероисповед, единствено што беше важно е дали си добар човек. Роднините се познаваа и посетуваа и луѓето се дружеа меѓусебе неоптоварени од имотната состојба или партиска припадност. Многу работи немаше, но тоа не беше причина да не бидеме среќни. Не се возеа џипови и „мерцедеси“, се возеше „фиќо“ и „101“ и вистинско доживување беше да се патува натоварен до покрив со четворица внатре и без клима. И бевме среќни и весели и ништо не ни пречеше.

Денес во џип кој има поголем багажник од целото „фиќо“ не сме кадарни да се спакуваме, климата ни пречи, а тргнувањето на пат е вистинска голгота. И покрај музиката која по сопствен избор свири во автомобилот со затемнети стакла сите се намуртени како да одат кој знае на какво мачење. Знаењето веќе не се вреднува, туку кешот кој го имаш кај себе или на контото во банка и не е важно колку книги си прочитал, туку каков автомобил возиш. Не е важно ни каков човек си, туку е важно кој е и што работи татко ти или мајка ти. Воспитувањето и културното однесување се предмет на потсмев, а доблеста еднаква на глупост. Денес не е важно каков човек си, туку на која партија ѝ припаѓаш и дали таа е на власт. Болниците личат на штали и резервирани се за оние што немаат пари да се лекуваат приватно.

Корупцијата и арамилакот се стил на живот и предмет на восхит, а чесноста е маана. Учениците ги исмеваат своите професори, а родителите воспитувањето им го препуштаат на исмеаните. Секое напуштање на домот е огромна неизвесност по прашање на враќањето, исчезнувањето на луѓето станува правило, а не исклучок. Убиствата се покомплицирани, а полицијата сè понеспособна. Судењата од правна сфера поминаа во политичка, а челниците на судовите станаа политиканти наместо правници. Денес „Дневникот“ почнува со намуртена водителка која задишана соопштува број на жртви или сума на проневерени пари од непознат сторител, а гостинот е кафеанска „певаљка“ која дебатира за политичките состојби во државата. На сите портали луѓето се плукаат и навредуваат по партиска, верска, национална основа и секогаш некој некому треба да му даде некакво право или да му го признае. Постојано е некој обесправен, а никој никаков закон ниту право почитува. Универзитетските професори се однесуваат како маалски мангупи, а свештениците како партиски портпароли.

Колку ние навистина како луѓе сме напредувале во однос на нашите предци сведочи и природата околу нас и нашите места за живеење, нашите градови и населби. Задушени сме од смрдеата на загадениот воздух токму како што сме задушени од смрдеата на простотилакот. Се давиме во расфрланото ѓубре, токму како што се давиме во егоизмот и нечесноста. Сè во нашата држава функционира онака како што функционираме ние самите - бавно, млако, без волја и знаење, импровизирано и по лична потреба и интерес.

Некогаш во не така далечното минато телефоните, и тоа оние статични, беа вистинска реткост, па често се случуваше комшија да ѕвони на врата и да замоли да се јави кај роднина или итно на брза помош. И никогаш не бил одбиен или дочекан со намуртено лице или негодување, без оглед кое време од денот или ноќта е. Денес комшија не поздравува комшија кога ќе се сретнат во влез туку врти глава и гледа во плафон. Некогаш луѓето си помагаа и се почитуваа, а денес секој врти глава пред туѓа несреќа и не се почитува ни себеси, а не другиот.

Денес најголем дел од луѓето функционираат себично и по принципот јас тебе, ти мене и никогаш не прават нешто за друг без да имаат интерес или корист. Токму затоа состојбата во нашето општество е таква каква што е, а луѓето сè помалку се луѓе и сè повеќе стануваат егоистични осамени суштества без почит за ништо и никого.

Споделување со вашите пријатели: