Кафеана

Кафеана
Лејла Сабит

Опеана, доживеана, прераскажувана, полна со лаги и вистини, трезна, пијана или мамурна, крие мали и големи животни приказни.

Рај за мажите, пекол за жените, со славни, обични и редовни гости, сè што се случува во кафеаната, таму останува или излегува и добива митски размери.

Секое утро или вечер, секој ден или ноќ, викенд или празник, како второ дома или со повод, нè собира, нè радува, нè растажува, нè прави среќни или нè разочарува, молчите, зборувате, слушате, пеете, присутни сте со духот, но не и со паметот.

Кафеаната за некого е поим за одмор, за некого е животна школа, некој реди само петки, некој единици, гостите те прифаќаат или не, ве чека маса или не добивате маса, некогаш е празна, а некогаш полна, некогаш љубезна, а некогаш намќореста, никогаш гала, секогаш опуштена.

На менито се редат ретки готвачки и животни рецепти кои ќе ви ги засолат или зашеќерат миговите, деновите, годините или дружбите, некој мириса на кафеана, некој живее за кафеана, некој не сака да си оди дома, а некој ништо не се сеќава.

Во кафеана си она што си, она што не си, она што сакаш да бидеш и она што не сакаш да бидеш, мирниот станува немирен, ангелот - ѓавол, џентлемените - мангупи, а мангупите добиваат фото на ѕидот.

Во одредени пригоди дамите се качуваат по масите, љубоморните жени ги следат мажите, арогантните жени сакаат да се измешаат во машко друштво, ама на крај- кафеаните си ги селектираат гостите и од утрото - пак по старо.

Нова година, 8 Март, разни празници и родендени си бараат кафеана и внимание, а не борба, ист третман меѓу мажите и жените и еманципација во овој розов свет каде што мажите се жени, а жените се мажи.

Затоа, кафеани ќе има додека има добри газди и добри гости, добри поводи, сеир и озборувања, животот е краток и поминува за час!

Споделување со вашите пријатели: