Кој ќе победи, правото или политиката?

Кој ќе победи, правото или политиката?
Ерол Ризаов

Дали повеќегодишните затворски казни на Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Бедредин Ибрахими и другите обвинети, изречени за изборни нерегуларности, ќе бидат сериозна превентива што ќе означи дека секое нарушување на изборниот процес е неисплатлива работа и тешко кривично дело, или во натамошната жалбена постапка ова ќе биде уште еден циркус и деградација на правниот поредок. Кој ќе победи, правото или политиката? Ова се најчестите прашања по последните строги пресуди. Досега, со мали исклучоци, победувала политиката. Замислете го учинокот и благопријатноста на веста дека Врховниот суд или која било надредена судска истанца ја прифаќа жалбата на осудените поради веќе донесени одлуки за истечени рокови за работа на СЈО. Или, пак, ако се остават можности осудените непречено да си заминат како и нивните претходници.

Откако овој ужасен амбиент го направи Врховниот суд и разните амнестии и обиди за аболиции, може ли некој да верува во правда и дека тоа што го скрои претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, со поддршка на неговите колеги врховни судии, не е диктат на политиката. Што ако пресудите на судот во овој случај се неправедни? Има ли некој во земјата што може да поверува во тоа, па макар било напишано и најиздржаното правно образложение. Да не прејудицираме, да ја почекаме конечната судска разврска, можеби ќе победи правдата и ќе го видиме поразот на политиката во судир со правото.

Деновиве заслужува внимание потегот на Христијан Мицкоски, кој истиот ден кога паднаа пресудите за изборни нерегуларности организирани од врвот на неговата партија фрли ракавица и повика на лустрација на сите политичари, да ја докажат својата чесност преку јавна проверка на нивниот имот. Мицкоски вели, нека почнат од мене, од мојот имот, од имотот на моето семејство и нека завршат со имотот на Зоран Заев и со имотот на сите поранешни политичари. Ова е најновата популистичка бомба за нова лустрација сервирана пред средбата на премиерот и лидерот на опозицијата. Недостасува само уште предлогот кој да го спроведе просветлувањето - Томе Аџиевски и неговата инквизиција, новата Антикорупциска комисија или, пак, тоа да биде Специјалното, или послушното редовно јавно обвинителство?

По обидите за распнување на СЈО во земјата владее колективно миење за чисти раце и на носителите на власта и на опозицијата. Вакво масовно лицемерно лелекање и плачење за владеење на правото од тие што го задушија досега не е забележано. Во лулката на организираниот криминал и корупција сите врескаат „држте го крадецот“. Изгледа, штом Мицкоски и Заев се среќаваат на Прочка се подготвува ново пишување индулгенции и простување на гревовите. Само што овој пат црквата може да простува, ама граѓаните НЕ.

Еве уште еден балкански бисер за дострелите на правната држава. Претседателскиот непартиски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова, не го вади од уста владеењето на правото во сите свои јавни настапи на уште непочната предизборна кампања. Кога ќе стане мајка на нацијата, иден претседател на држава, нема како нејзиниот претходник да се занимава со ефемерни работи како што се аболициите и помилувањата за тековните судски постапки и обвиненијата за злосторнички здруженија, за изборни измами, организиран криминал и корупција , за нарушување на човековите права и слободи, за злоупотребата на власта, обиди за државен удар и крвопролевања во Собранието и слична боранија. Силјановска и досега на вакви ситници не обрнуваше внимание. Никогаш ништо не кажа за тешките кривични дела и загрозата на парламентарната демократија и воспоставениот режим на Груевски со флагрантно кршење на Уставот и поделбата на власта. Вели за тоа зборувала во интервјуа за странски медиуми, веројатно затоа што тоа дома сите го знаеле. Или, пак, нејзината перспективност за следен претседател на државата уште тогаш била осознаена во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, што прилично ја отапило острицата на професорката.

Разбирливо, како што му приличи на претседател на државата, кога ќе биде избрана, таа ќе покрене силни и суштествени уставни и законски промени, домашни и меѓународни судски постапки и исправања на неправди кон Македонија со Преспанскиот договор од што ќе се потресе светот, небаре ќе биде избрана за Клеопатра, или доживотен претседател на Земјината топка. Во далеку поскромен обем и другите претседателски кандидати најавуваат дека ќе ги отстрануваат неправдите и ќе дадат свој придонес кон владеење на правото. За почеток, кандидатите до 1 април, кога и официјално почнува кампањата, најдобро е да ги прочитаат или препрочитаат уставните овластувања на претседателот на државата, за да можат да лажат и ветуваат со мерка во рамките на дозволеното во предизборните кампањи. Ова, се разбира, не се однесува на Гордана Силјановска-Давкова, таа добро ги знае уставните овластувања, затоа проповеда дека ќе го смени Уставот за може да ги спроведе своите спасоносни решенија за Македонија, да го врати уставното име, изгубениот национален идентитет и сите понижувања што ги доживуваат граѓаните поради членството во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ. За ситните детали, како тоа Силјановска ќе го смени Уставот, сега не е време да се води дебата кога тоа е запишано во конститутивниот закон, што би се рекло кај „мајката на сите закони“, како што во правото понекаде се нарекува Уставот.

Рака на срце,Силјановска најави како тоа ќе го направи, но тоа беше прилично индиректно да не се сетат Власите. Прво, како што кажа, ќе ја делегитимира предавничката власт која потпиша капитулантски договор со Грција. Ќе го расклинка „заевизмот“. Тоа значи ќе се распишат предвремени парламентарни избори со што натпартискиот претседател ќе ја врати демократската власт на ВМРО-ДПМНЕ и златната ера на „груевизмот“ надградена од новите вмровски демократски патриоти и чувари на националната кауза. Тоа е суштината на популистичките вресоци за владеење на правото, божем тоа зависи само од одлука на еден човек, некаков декрет како султански ферман и, оп, од утре ќе завладее правдата за сите граѓани подеднакво. За пропагандистите на ваквата правда и за тие што веруваат во тоа сакам да поставам едно единствено прашање - дали во Македонија е можно да се воведе владеење на правото кое ќе важи подеднакво за сите со нечија одлука, или со избор на претседател на државата, со избор на премиер, или влада? Или, пак, фабричката грешка е на друго место. Галиба, треба генерален ремонт на нешто за’рѓано во главите, па потоа во системот.

Споделување со вашите пријатели: