За „непартиските“ кандидати

За „непартиските“ кандидати
Здравко Савевски

Сите кандидати за претседател на овие избори (Силјановска-Давкова, Пендаровски и Река) да ти биле непартиски кандидати! А сите тројца - поддржани од политички партии. Добро, ние не знаеме што е тоа непартиски кандидат или што е работата?

Мимикријата на партиите е сосема разбирлива во ситуација кога самиот поим политичка партија стана синоним за корумпирана збирштина од беспринципиелни ликови гладни за власт и за привилегиите што таа ги носи. Знаејќи го овој анимозитет кон партиите, за овие претседателски избори сите партии што ќе учествуваат на нив зедоа да си ги рекламираат кандидатите како непартиски.

Што значи да се биде непартиски кандидат? Општо, што значи да се биде партиски неопределен? Ако некој нема партиска книшка од ниту една партија, дали тоа е доволно за да се смета за партиски неопределен? Имате многу личности, „експерти“, невладини активисти и обични граѓани, кои ниту имаат партиска книшка ниту некогаш имале. Но, и покрај тоа, некритички ја бранат партијата што ја поддржуваат и упорно тврдат дека црното е бело кога така ѝ одговара на нивната партија. Што се тие? Непартиски личности? Само зашто формално не поседуваат партиска книшка? Партиите и медиумите што им се во служба имаат потреба од креирање и одржување на митот за ваквите „непартиски“ лица за да создадат впечаток во јавноста дека политиките што ги застапуваат одреден партиски центар имаат поширока поддршка, дека нив ги поддржуваат не само партиските војници, туку и останатите граѓани. Па така, меѓу другото, сведоци сме на парадирањето по медиумите на голем дел од оние џаболебари т.н. советници на премиерот како „независни експерти“.

Човек што нема партиска книшка не значи дека не е партиски послушник или одработувач за некоја партија! По толкавиот огромен број очебијни примери за тоа, крајно време е да ја научиме оваа лекција! И повеќе да не дозволуваме партиите толку евтино да ни продаваат партиски послушници за непартиски личности.

Колку ќе бидат непартиски сегашните кандидати за претседател? Онолку колку што се непартиски сите оние што се испопикани по институциите како наводно непартиски личности, онолку колку што беше непартиски и досегашниот претседател Ѓорѓе Иванов. Ете, толку ќе бидат непартиски!

Во крајна линија, може некој и да поседува личен интегритет, може да влезе во играта со клиентелистичките партии со намера да не биде партиски послушник. Онолку колку што може, во онаа сфера во која ќе има надлежности, да направи некоја разлика. Не дека секој што бил на позиција на одлучување во овие 30 години бил нечесен човек. Но, и тие не успеале да направат разлика. Или, направиле толку мала разлика што никој друг освен тие самите не ја гледаат.

Зошто е така? Зашто не е до човекот, туку до машинеријата. До машинеријата која сè меле. Доминантните партии во Македонија се сите од една до последна клиентелистички здруженија, кои имаат тесни врски со крупниот капитал. Во таквите партии, од сите што се поставени на позиции на одлучување, вклучително и од оние со личен интегритет, се очекува да му прогледаат низ прсти на газдата што дал толку и толку пари за партијата, на лепачот на плакати кој е без работа, на конвертитот што ги сменил партиските бои. Така машинеријата на клиентелистичките партии ги меле и оние што барем малку сакаат да придонесат кон општото добро. Промена на политиката во Македонија, преку клиентелистичките здруженија што парадираат како партии - е невозможна мисија. Како што на својот пример знаат многумина кои имале личен интегритет, а се фатиле на оро со нив.

Ќе го земам примерот на Гордана Силјановска. Нема посебно да го коментирам Стево Пендаровски, зашто дури и смешно е тој да се претставува како непартиски кандидат. При толкавата негова врзаност со СДСМ, без разлика колку тој да мавта со немањето партиска книшка, навреда на интелигенцијата е обидот за негово продавање како непартиска личност. Кај Силјановска ја нема таа папочна врска со ВМРО-ДПМНЕ, па затоа вреди малку повеќе да се задржиме на прашањето колку таа може да биде независна од партијата што ја кандидира.

Начинот како таа беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ е многу важен и многу кажува. Таа можеше да ја објави својата кандидатура како независен кандидат и да почне да се подготвува за собирање на потребниот број потписи од граѓаните. Без разлика дали некоја партија ќе ја поддржи или не. Во таква ситуација, ако ВМРО-ДПМНЕ одлучеше, наместо да учествува на изборите со свој кандидат, да ѝ даде поддршка на Силјановска, таа поддршка од ВМРО-ДПМНЕ (или која било друга партија), нема да беше причина зошто Силјановска да не може легитимно да тврди дека е независен кандидат.

Но, не беше така. Силјановска беше избрана на конвенција на ВМРО-ДПМНЕ. Откако претходно ги преора партиските штабови, убедувајќи ги партиските луѓе на ВМРО-ДПМНЕ зошто таа заслужува да биде нивни кандидат за претседател. Дали во една таква ситуација таа може да тврди дека е непартиски кандидат и дали може да не ја слуша партијата која ја кандидира и која ѝ ги собра потписите? Се сомневам. Во прилог на тој сомнеж зборува и фактот што таа многу брзо, инстантно, влезе во калапот што ѝ го наложи ВМРО-ДПМНЕ, без разлика што по идеологија е либерал. А дополнителна причина за сомнеж е и таа долга листа на луѓе со интегритет кои во овие 30 години беа сомелени од машинериите на клиентелистичките партии, без разлика што на почетокот влегле во играта со повеќе или помалку чесни намери.

Спротивставеноста непартиски наспроти партиски личности се претставува како да е спротивставеност помеѓу чесните и принципиелните наспроти нечесните и непринципиелните. Да, огромен дел од партиските личности во Македонија (иако не и сите) се нечесни и непринципиелни. Но, колку од непартиските личности (и од оние што глумат дека се такви и од оние што навистина се такви) се чесни и принципиелни? Тоа е клучно прашање што ние како општество треба конечно да се дрзнеме да си го поставиме.

Влезот на непартиски личности во политиката не е сам по себе лекот за длабоката заболеност на политичката сфера во Македонија. Ако тие тоа го прават преку партиите кои досега биле на власт, нивните обиди за промена на работите ќе бидат речиси сигурно осудени на пропаст. Зашто, не е до луѓето, туку е до машинеријата што ги меле чесните намери, принципиелноста, некорумпираноста. За да има поинаква политика во Македонија, народот треба да се охрабри и сите корумпирани и клиентелистички партии што ја кроеја досега политиката да ги испрати на ѓубриштето на историјата. А тоа не се прави со гласање за нивни кандидати на изборите, било партиски било „непартиски“. Со гласање за нив, дури и само како „помало зло“, им се дава легитимитетот и се репродуцира машинеријата и системот кој нè толчи.

Споделување со вашите пријатели: