Нека виси Катица…

Нека виси Катица…
Александра М. Митевска

Има една подзаборавена сатирична песна, од последните децении на минатиот век, насловена „Нека виси Педро“. Нејзината поента е да покаже дека за сите проблеми во еден колектив или општеството постои дежурен виновник. Во песната, настаната на просторите на поранешна Југославија, тој дежурен виновник е наречен Педро. Во актуелните македонски политичко-правосудни услови, поточно не толку актуелни колку што се долгорочни, односно се провлекуваат уште од почетокот на 2015 година, може да се каже дека дежурниот виновник се одѕива на името Катица Јанева.

До средината на 2015 година, не толку познатата обвинителка од Гевгелија наеднаш се најде во епицентарот на тогашната политичка криза во земјава, кога од толку кандидати за специјален јавен обвинител - меѓу кои и повеќе звучни имиња од правосудната фела, прво ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а потоа и ДУИ и ДПА го избраа токму нејзиното име. Договорот за формирање на СЈО и изборот на Јанева беа круна на пржинскиот договор, кој тешко се составуваше во период на максимално нарушен кредибилитет и легитимитет на тогашната власт, чии методи на владеење беа целосно демаскирани и делигитимирани од „бомбите“ што одекнуваа од „Бихаќска“.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ и натаму ги држеше во свои раце сите лостови на власта, со силни инсталации во судството и во обвинителската фела, што исто така можеше да се слушне и од „бомбите“. Поради тоа, на тогаш владејачката партија не ѝ беше толку тешко да се справува со специјалната јавна обвинителка и со нејзиниот тим - сеедно дали тоа го правеше преку Советот на јавни обвинители или преку судии во Кривичниот суд или во скопска Апелација, каде што како круши паѓаа сите барања за притвори или за забрзување на постапките, и покрај мошне „сочните“ наводи и докази што беа изнесувани на прес-конференциите на популарното женско трио во СЈО.

Така беше сè додека на политичката сцена не задуваа ветровите на промените што донесоа и промена во стилот на однесување и постапување на дел од носителите на судската власт во земјава. Кога предметите на СЈО наеднаш почнаа да добиваат на тежина, така што поранешни високи функционери, главно на ВМРО-ДПМНЕ почнаа речиси секојдневно да дефилираат низ ходниците и судниците на скопска единица, Јанева почна да станува дежурен виновник за сите турбуленции во сега веќе опозициската партија. Но, и за сите блокади на политичките процеси во земјава, од кои дел СДСМ беше приморан да ги решава преку грбот на СЈО - во периодите кога требаше да влезе во политички пазарења за обезбедување дополнителни гласови во Собранието. Сите тие принудни втурнувања на СЈО во политички игранки на крај се одразија и на кредибилитетот на институцијата, на која во меѓувреме ѝ истече и мандатот за подигање нови обвиненија.

Иако од денот кога заврши мандатот за нови обвиненија поминаа речиси две години - период во кој беше научна фантастика да се обезбеди двотретинско мнозинство за продолжување на истечениот рок, деновиве станува сè поочигледно дека мисијата на СЈО не е завршена. Особено ако се има предвид дека во фиоките на Јанева, Фетаи, Бубевски или Лапе... остана уште многу „бомби“ и предмети кои стигнаа само до истрага. Затоа и сега се брза да се реши статусот на оваа институција за да се задоволат критериумите на ЕУ пред одлуката за почеток на преговори.

Но, со оглед на моменталниот распоред на силите во собраниската арена, конечното решавање на статусот на СЈО станува изводливо само со разрешување на Јанева. Така барем опозицискиот лидер Христијан Мицкоски го подразбира расчистувањето со темното минато на неговата партија - преку заклучување на материјалите од прислушуваните разговори во фиока. И со друг специјален обвинител, кој нема да се грижи многу за случаите на неговите претходници, туку ќе се занимава со некои нови предмети од висок профил на корупција. Всушност, едно такво сценарио, веројатно, би ѝ одговарало и на ДУИ, со таа разлика што оваа партија, сепак, покажува поголема конструктивност кога треба да се исполнат евроатлантски директиви.

За волја на вистината, Мицкоски не е лично засегнат од случаите на СЈО. Ама сето ова време тој ниту еднаш не се огради од политиките на неговиот претходник, кои и доведоа до формирање на ова обвинителство - со меѓународна поддршка. Сепак, според логиката на Мицковски, Јанева, веројатно, би требало да заврши како нејзината колешка Лаура Ковеси, која иако од 2006 наваму добиваше меѓународни признанија за битката против корупцијата во Романија, на крајот ја изгуби битката со домашните политички моќници и беше сменета. Иако беше мошне популарна меѓу Романците, како што беше и СЈО во земјава за време на „Шарената револуција“, Ковеси стекна многу непријатели меѓу политичарите кои ги гонеше за криминал и корупција. Со нешто слично сега се соочува и Јанева.

Друга работа е што со евентуална смена на екипата која беше избрана да расчисти со аферата со масовното прислушување и сите корупциско-криминални скандали што произлегоа од неа понатамошното функционирање на СЈО, всушност, ќе биде бесмислено, односно нема да ја оправда целта поради која беше формирано. Затоа, СДСМ, како главна владејачка партија, сега е соочена со тешка дилема - дали да го прифати „непристојниот предлог“ на ВМРО-ДПМНЕ за да го обезбеди потребното мнозинство и со тоа да ги стави под знак прашалник сите досегашни предмети што произлегоа од прислушувањето или да го отфрли предлогот за смена на врвот на ова обвинителство и повторно да бара споредни патишта за обезбедување двотретинско мнозинство што ќе овозможи СЈО да продолжи да работи на својата примарна цел? Секако дека втората варијанта е потешко изводлива, ама е далеку поисправна!

Споделување со вашите пријатели: