Државна работа од соништата: Шведска нуди 2.000 евра месечна плата за некој да вклучи и исклучи светло

Државна работа од соништата: Шведска нуди 2.000 евра месечна плата за некој да вклучи и исклучи светло
Шведската влада финансира експериментален уметнички проект, во кој еден среќен човек до крајот на животот ќе добива плата од 2.060 евра месечно само да се „отчукува“ двапати на ден.

„Вработениот“ ќе мора секој ден да оди на железничката станица во Гетеборг и да ја отчука својата картичка, по што светлата над платформа за патници ќе го означат „доаѓањето на овој важен и корисен работник на работа!?“

Потоа, тој може да оди и да направи што сака, а на крајот од „смената“ треба да ја извлече картичката и да го исклучи светлото. Тој во секој момент ќе може да си даде отказ, а работата му е загарантирана сѐ додека не си најде друго работно место. На вработениот му се гарантираат годишни бонуси, придонеси, годишен одмор и пензија.

Оваа, благо речено, чудна идеја е резултат на конкурсот на шведската Агенција за јавни уметности, каде што овој проект беше награден.

Наградата за победничката идеја е околу 667.000 евра, а уметничкото дуо кое го осмисли овој проект планира со добиените пари да го финансираат проектот наречен „Вечно вработување“.

Со парите уметниците сметаат дека ќе обезбедат плата за 120 години за ова клучна „позиција“, а мозоците зад проектот, Симон Голдин и Јакоб Сенеби, веруваат дека од овој фонд ќе успеат да исплатат и годишно зголемување на платата од 3,2 отсто.

Комисијата задолжена да ги разгледа пристигнатите проекти беше воодушевена од идејата, за разлика од голем број политичари од различни партии кои сметаат дека на овој начин се расфрлаат парите на даночните обврзници.

Некои мислат дека проектот е едноставно глупав и безвреден, со што се согласуваат дури и неговите креатори, со објаснување дека тие токму тоа сакале и да го постигнат.

Заинтересираните на конкурсот ќе може да аплицираат за оваа „високоодговорна“ позиција една година пред завршувањето на изградбата на железничката станица, што се очекува да се случи во 2026 година.

Споделување со вашите пријатели: