Раско и Џордана

Раско и Џордана
Ѓорѓи Спасов

Во еден стар виц од Србија, Ристо го прашал Јован. „Шта би ти био

Јоване да Вук није измислио слово Ј?“ „Био би Ован“ - рекол Јован и

прашал: „А шта би ти био Ристо да Вук није измислио слово Р?“ „Исто“- одговорил Ристо.

Вака отприлика изгледаше првото претставување на кандидатката Гордана Силјановска-Давкова во емисијата „360 степени“ на Алсат-М. Таа во стилот на велеучена личност со нагласен цинизам и зачуденост, од тоа што луѓето како Васко Попетревски „не можат да разберат дури ниту едноставни работи“, со увежбано превртување на очите и тресење на главата, го праша својот поранешен студент, а сега водител на емисијата, дали не би се чувствувал со променет идентитет ако би го викале Раско наместо Васко и веднаш додаде дека таа би чувствувала дека некој и го сменил националниот идентитетот ако наместо Гордана почнат да ја викаат Џордана.

На Васко џабе му беше обидот да ја соочи со фактот дека Македонија не е прекрстена во Ракедонија или Џакедонија, туку дека прифатила додавка како што таа на своето презиме Силјановска му го додала Давкова што било услов да влезе во брачна заедница. Но таквите аргументи не помагаат кај велеучените од родот на Ѓорге Иванов. Нивна задача е да докажуваат дека „оваа криминална власта“ од чиста неукост го сменила името на земјата и идентитетот на македонската нација и дека тие имаат „света должност“ до го урнат овој „режим“ и да ја исправат таа неправда.

Не помага кај таквите да им кажуваш дека јазикот останува македонски и на тој јазик веќе се потпишуваат меѓународни договори. За нив тој јазик е „со додавка“. Не вреди да им објаснуваш дека националноста е запишана во Обединетите нации како „македонска“ бидејќи тие ќе ти отворат расправа за разликата меѓу политичката и етничката нација. И не вреди да им кажуваш дека Република Северна Македонија останува единствената независна држава во светот која во своето име го има името Македонија бидејќи „ексклузивното право за употреба на зборот Македонија го задржале Грците“.

Кандидатката за претседател на државата, всушност, води еден вид улична кавга со премиерот Заев, а не со нејзините противкандидати, бидејќи и како втор Христијан Мицкоски, не избира зборови за „скандалите што ги направила сегашната влада“ од изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, до непочитувањето на волјата на граѓаните на референдумот, насилната промена на Уставот, амнестиите, притисокот врз судството, непотизмот и „макијавелистичкото владеење“.

Таа оди по митинзи и во сите пригоди повторува дека сме имале право на античката историја и минато, а на проектот „Скопје 2014“ таа имала само естетски забелешки. По настаните на 27 април требало да биде уапсен Заев, а не оние што се обидоа да го убијат. Заев не бил доволно политички писмен и само затоа го сакале надвор. Заев бил „женска Катица“, а таа светица и слични будалаштини.

Но освен што е претворена во „интелектуална поддршка“ за објаснување на „црнилата“ за кои говори Мицкоски и во промотор на Македонија како „пропадната држава“, таа оди наоколу и ветува дека ако биде избрана за претседател ќе го врати старото име на земјата, ќе ги поништи потпишаните договори, ќе го промени Уставот, а пред тоа ќе го смени сегашниот „режим“ и ќе воведе демократија и владеење на правото.

Таа е упорна во тврдењето дека за неа името Северна Македонија е неприфатливо. Деновиве во придружба на пулените на Груевски оди „со кола напред и кола назад, лево поле десно поле, горе небо“ и вели: „Ви ветувам дека јас никогаш нема да го изговорам името Северна Македонија. И ве молам држете ме за збор во врска со ова ветување“.

Жената за која слободно може да се каже дека има „уста полна со Устав“ и дека гради научна и политичка кариера на принципот дека Уставот мора да се почитува, всушност, порачува: „Јас овој Устав нема да го почитувам и нема да ги почитувам меѓународно склучените договори на Македонија сè додека тие не бидат променети во согласност со моето видување на нештата“.

Ваквите ветувања се во најмала рака скандалозни или лицемерни.

Скандалозно е некој кандидат за претседател уште пред почетокот на изборната кампања да тврди дека нема да го почитува Уставот, иако сигурно знае дека ако биде избрана на функцијата за која се кандидира нејзина прва задача и услов за да стапи на таа функција ќе биде да се заколне и да потпише изјава токму пред Талат Џафери и пред пратениците во Собранието дека „ќе го почитува и ќе го брани Уставот на Република Северна Македонија“.

А лицемерна е таа изјава ако мисли едно да ветува а друго да прави во случај лагата да ѝ успее и со класична измама да се добере до позицијата претседател на државата.

Некој добро забележа деновиве дека кога професори од факултет се кандидираат за претседател на државата тие новинарите често ги третираат само како свои уплашени студенти на кои ако нешто незгодно ги прашаат, им одговараат: Вие треба тоа да го знаете. Или уште подрско: Ме чуди како вам тоа не ви е познато, дека на пример „разумен компромис е разумен компромис“

Така и Силјановска-Давкова, кога новинарот ја прашува дали не било непотизам и доделувањето фри-шоп на нејзиниот сопруг во време кога таа била министер во владата - таа одговара: „Па јас не влијаев на таа одлука. Таа одлука ја донесуваше Министерство за внатрешни работи во кое министер беше мојот колега од факултет Љубомир Фрчковски“. Со други зборови - јас не сам знаела за тоа. И според неа, тоа не е исто како она што го правеле Силвана Бонева и Мира Дизел. И не само тоа. Туку и не било веќе фер по сто пати да ѝ се поставува истото прашање. Таа сакала да кажува што ќе направи, а не што правела кога била на власт.

На прашањето дали според неа е непотизам вработувањето на Мицкоски на факултетот кај татко му и тоа што му бил асистент на својот татко на истиот предмет - кандидатката за претседател одговара: „Не знам, прашајте го него. Тоа е повеќе етички проблем, а не непотизам“. Како непотизмот да нема врска со етиката.

Васко Попетрески имаше сериозен проблем да ја соочи кандидатката за претседател која себеси се нарекува „голем интелектуален ум признат во цел свет“ со низа нелогичности и апсурди во нејзините објаснувања и намери како можен иден претседател.

Силјановска-Давкова е влезена во некој филм на „голема реформатор“ која ќе ни изгради „научен капитализам“. Но најпрво ќе го променела „режимот на Зоран Заев“, па Уставот и Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, Охридскиот рамковен договор и некои други ситници со кои сме станале „пропадната држава“. Според нејзиниот „голем интелектуален ум“, токму тоа Европа го барала од Македонија, а не она што ѝ го нудат Заев и Димитров. Вели дека како христијанка ја почитувала химната на ВМРО, според која „ВМРО е наша судбина“, но ќе ја бара и поддршката од ГРОМ на Стевчо Јакимовски за овие важни реформи бидејќи само Стевчо знае да ја испее „Јачи смо од судбине“.

Споделување со вашите пријатели: