По светскиот успех: „Медена земја“ ја виде и избрана македонска публика

По светскиот успех: „Медена земја“ ја виде и избрана македонска публика
Евроамбасадорот Самуел Жбогар на Твитер изрази воодушевување од документарецот „Медена земја“, годинешниот победник на „Санденс“. Синоќа се одржа затворена проекција на „Медена земја“ во кино „Милениум“, филм кој по светскиот успех за прв пат се промовираше кај нас.

„Бев воодушевен од победникот на „Санденс“, македонскиот документарец „Медена земја“. Тоа е суров, но нежен филм, каде што тишината зборува стотина зборови, со порака за меѓузависноста на човекот и природата, со силната и неверојатна жена Атиџе. Честитки до Тамара и Љубомир“, пишува Жбогар.

„Медена земја“ е документарен филм за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа. Во него е прикажана припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.

Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.

„Медена земја“ во Јута доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change). Првпат во историјата на реномираната манифестација еден проект беше награден со три признанија.

Споделување со вашите пријатели: