Концесионер за Дрисла ќе се бира по претседателските избори

Концесионер за Дрисла ќе се бира по претседателските избори
Концесионер на депонијата Дрисла ќе се бира по претседателските избори. За да нема контроверзи околу изборот, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов предложи одложување на изборот на концесионер.

Инаку останува предлогот германската компанија „Шолц“ да биде избрана за концесионер на Дрисла. До целосното завршување на постапката, контролата над Дрисла ќе ја преземе град Скопје.

- Изминатиов период многу внимателно ја анализиравме целокупната состојба со проектот „Дрисла“, при што извршивме увид во целосната постапка од нејзиното започнување па се до последната судска пресуда. Предмет на анализа беа процесите, постапките и евалуациите кои биле вршени, при што се пронајдени сериозни аномалии. Пред вас е доставена одлуката, која е недвосмислена и која вели дека Градот Скопје треба да го има Конзорциумот предводен од „SCHOLZ AG“ за партнер во „Дрисла“. Јас сум спремен кога ќе се отвори дебатата целосно да ја објаснам анализата, за тоа каде се направени грешки во минатиот процес и евалуациите, како и зошто е заглавен целиот процес онолку колку што е. Она што е извесно е дека конечно Градот Скопје ќе добие капацитет и депонија како што доликува, а пред се капацитет којшто ќе остварува приходи. Сакам процесот целосно да го извадиме од правните контроверзи коишто го следат од самиот почеток. Во моментот кога ја доставивме оваа точка пред вас, се појавија некои дилеми, а бидејќи се распишани избори за претседател, јас предлагам да ја прекинеме седницата и изборот да го извршиме веднаш по завршувањето на изборите - рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој напомена дека е даден налог на службите за постапка за раскинување на договорот со конзорциумот FCL AMBIENTE SRL и UNIECO SCC COOP од Република Италија, како и дека во периодот додека не се избере нов концесионер Град Скопје ќе го преземе управувањето со Јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“ – Скопје.

„Дрисла работи изминативе седум години исклучиво со средствата коишто градот ги има вложено во неговото претпријатие и тоа е дел од истрага којашто ја водат други органи, а којашто градот ја има пријавено. За мене е индикативно дека Дрисла работи со загуби се додека јас доаѓам за градоначалник. Во двете години кога јас сум градоначалник тие почнуваат да прикажуваат добивка“,рече Шилегов.

Најсовремената  печка за согорување на медицински отпад  за која Градот уште во 2012 година даде  гаранција со меница од 700.000 евра, сѐ уште не е притсигната во „Дрисла“, а медицинскиот отпад се согорува во печка на која беше инсталиран нов  филтер, како привремено решение.(Б.Б.)

Споделување со вашите пријатели: