Каде оди македонската економија?

Каде оди македонската економија?
Александар Николоски

Во периодов пред нас основна тема на дискусија ќе бидат претседателските избори и темите што тие ги отвораат. Тука секако се отвора и темата за состојбата на македонската економија и животниот стандард на граѓаните. Претседателот на државата нема директна надлежност во овој дел, но секако може да дава основни насоки и сугестии каде што треба да се движи економијата, како и да ја промовира државата пред домашните и меѓународни инвеститори за во Македонија да ја видат можноста за свои инвестиции.

Во изминатата деценија главен двигател на македонската економија беше привлекувањето странски инвеститори. Тие успеаја да ја раздвижат економијата, да ја намалат невработеноста која пред да дојдат беше на рекордно речиси 40-процентно ниво, успееја да донесат нова работна етика, како и сериозно да го подобрат извозот, трговскиот баланс и значајно да го зголемат бруто домашниот производ. Тоа беше осмислена стратегија на владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 година која успеа силно да ја промовира државата и да ја направи атрактивно место за инвестиции.

По промената на власта и доаѓањето на СДСМ на чело на владата, добро е да се направи анализа каде сме сега. Како и за сè друго, зборовите на СДСМ се многу различни од делата. Така, иако долго го напаѓаа концептот на привлекување странски инвестиции, гледаме дека во пракса го продолжуваат. Тоа е добро. Но лошо е што немаат тим ниту концепт како да го прават тоа. Нема одговори на основни прашања од типот - која институција била задолжена за привлекување странски инвестиции, кога и како ја направила анализата на индустријата/компанијата, ја контактирала фирмата, ја посетила и извршила презентација за можностите на инвестирање во Македонија. Кога компанијата дошла на посета во Македонија, со кои други земји нè споредила во анализата и на крај врз кои параметри би нè избрале нас. Без агресивна промоција на државата и присуство на релевантни настани и директни состаноци со фирми, овој „pipeline“ кој е креиран од претходно ќе секне, како што, за жал, се случува па речиси и да нема нова компанија која е заинтересирана да инвестира во Македонија. Каде се членовите на тимот за привлекување на инвестиции - „Invest Macedonia“, ТИРЗ, министри без ресор - со кого, каде и кога се среќаваат? Ги познава ли некој овие луѓе? Овие луѓе се анонимни за јавноста и немаат дадено едно телевизиско интервју во живо или не биле на дебата да се објаснат што и како работат. Затоа и не треба да нè изненадува ладниот туш што Владата на СДСМ го доби од „Фолксваген“.

Од друга страна, постојано говореа за поддршка на домашната економија, на домашните инвеститори. За жал, неа не ја гледаме. Поддршка има само за неколку најголеми капацитети, но за малите и средни претпријатија, кои се двигател на економијата, неа ја нема. Тоа е лошо и е нешто на кое мора да се насочи идниот претседател на Република Македонија кој мора да врши силен притисок врз Владата повеќе да ги помогне малите и средни претпријатија. Тие треба да бидат подржани финансиски, како и да се намалат административните бариери со кои се соочуваат.

Така, првото логично прашање кое се наметнува е - каде се домашните компании во ТИРЗ зоните? Идејата на слободните технолошко-индустриски зони е во истите да можат да инвестираат и домашни компании. Нив таму ги нема. Освен една компанија која инвестира пред да дојде на власт оваа влада нема ниту една друга домашна компанија - инвеститор во ТИРЗ.

Дополнително, условите за добивање на државна помош кои се бараат според новите мерки да бидат исполнети од домашните компании се многу построги од барањата кон странските компании во ТИРЗ - пример: постоечка домашна компанија треба да има позитивен бонитет (луѓе и приходи) во изминатите три години за да може дада добие помош по новиот закон за финансиска помош. Вакви услови не се бараат од никоја странска компанија која влегла во зоните.

Во оваа насока добро е да се позанимаваме и со ветувањата на Владата на СДСМ во однос на странските инвеститори. Едно од основните ветувања беше дека ќе се креираат (а не се креирани во 2018) 4.500 високоплатени работни места од 18 „нови“ инвестиции.

Такво нешто едноставно нема. Ниту имаше 18 странски инвестиции во 2018 година ниту поделија нови 4.500 работни места со високи плати.

Следно логично прашање што се отвора е што е со рамномерниот економски развој? Која е потребата да се отвора трета зона во Скопје а да се запоставува внатрешноста? Децении наназад сите влади на Македонија водат погрешна политика насочувајќи најмногу од ресурсите кон Скопје. Тоа ја опустоши внатрешноста, а Скопје го претвори во град во кој не може пристојно и здраво да се живее заради пренаселеност и лоша инфраструктура која не може да ја следи бројката на луѓе кои доаѓаат во главниот град. Затоа инвеститорите треба да се насочат кон зоните во Тетово, Струга-Охрид, Кичево, Прилеп, Штип и Струмица, како и промовирање на нови зони во руралните средини. Зоните сега не се полни и сите компании се трупаат во Скопје што предизвикува проблем на пазарот на трудот. Компании надвор од Скопје не може да најдат релевантен образован и квалификуван кадар бидејќи сите луѓе „бегаат“ кон Скопје. Тоа мора да запре!

И на крај, би сакал да се позанимавам со лажните вести кои Владата на СДСМ ги шири за т.н. „рекорден прилив“ на странски инвестиции во 2018 година.

Според податокот не е јасно дали станува збор за нови гринфилд-инвестиции, проширување на веќе постоечки инвестиции или за нераспределена, односно реинвестирана добивка? И тука е манипулацијата која ја прави Владата. Имено, според податокот, најмногу инвестирала Велика Британија. Најголема инвестиција од Велика Британија во Македонија е „Џонсон мети“, која за волја на вистината немаше значителни инвестиции во средства во текот на 2018 година. Од друга страна, „Џонсон мети“ започна со плаќање на персонален данок и аконтација на данок на добивка во почетокот на 2018 година. Логиката говори дека 113 милиони евра кои се припишуваат во приливот на инвестиции од Велика Британија се нераспределена/реинвестирана добивна страна на „Џонсон мети“.

Втора земја по големина на инвестиции е Германија. Германски инвестиции во индустриските зони се шест фабрики - кои инвестираа во 2018 според динамиката од нивните инвестициски планови дадени при носењето на нивните одлуки за инвестирање далеку пред промената на власта во Македонија, но секако ова не се однесува на сите 38 милиони евра. Дел од тие 38 милиони евра се нераспределени добивки на овие компании. Логично се поставува прашањето зошто решиле да ја повлечат нераспределената добивка? Ова е директна последица на зголемувањето на даноците кои ги направи Владата на СДСМ. Тоа на долг рок ја уништува македонската економија. Веќе за 2019 година ќе се појават првите негативни резултати затоа што инвестициите ќе се намалат, исто така добивката која е нераспределена ќе е сè помала така што ќе нема што да се прикажува ни во лажните извештаи. Инвеститорите ќе ја намалуваат својата активност, а сивата економија ќе расте.

Ова се неколку насоки кои е добро пред себе да ги има претседателот на државата. Се надевам дека Гордана Силјановска-Давкова ќе победи и ќе може силно да лобира состојбите да се променат, а позитивните сугестии да се применат со цел економијата да се врати на старите добри патеки како во претходните години пред доаѓањето на СДСМ на власт.

Споделување со вашите пријатели: