Иванов „урива“ Устав без пенкало

Иванов „урива“ Устав без пенкало
Александра М. Митевска

Слично како што сегашниот премиер Зоран Заев, додека беше опозиционер, зборуваше дека ќе урне „режим“ со пенкало, така сега претседателот на заминување Ѓорге Иванов се обидува без пенкало да го заобиколи „подновениот“ Устав на државата, со тоа што не ги потпишува собраниските закони на кои од неодамна пишува Северна Македонија.

Најголема иронија притоа е што најновите уставни прекршувања шефот на државата ги правда со својата свечена заклетва од 2014 година, кога ветил дека „ќе го штити Уставот и ќе ги брани интересите на Република Македонија“. Тоа е уште еден показател дека Иванов и владејачкото мнозинство низ сосема различни диоптрии ценат што е стратешки интерес на државата, со оглед на тоа што во овој момент за главен приоритет се смета добивањето на почеток на преговори со ЕУ, откако беа симнати од дневен ред имплементацијата на Преспанскиот договор и потпишувањето на протоколот за членство на земјава во НАТО. Ниту во тие теми, како што се чини, Иванов не гледаше голем интерес за државата со оглед на опструкциите што ги приредуваше, а сега го кочи стапувањето во сила на дел од реформските закони, чие донесување произлегува од европските директиви.

Додека пратениците се спремаат за пауза за време на кампањата за избор на нов претседател, претседателот во заминување им отвора работа и им создава недоумици - како да го решат проблемот со законите што ги враќа во парламентот без негов потпис? Една од варијантите е тие закони да се стават на повторно гласање до почетокот на кампањата. Но, со оглед на тоа што нема гаранција дека тогаш претседателот ќе стави потпис на нив, односно дека нема да употреби „апсолутно вето“, останува отворена можноста да се чека таа работа да ја заврши идниот претседател, веднаш по истекот на мандатот на Иванов на 12 мај, така што ќе остане доволно време до јунскиот самит на ЕУ. Секако, отворена е можноста тие да бидат објавени во „Службен весник“ без претседателски потпис, откако беше направен таков преседан со законите за употреба на јазици и за ратификација на Преспанскиот договор. Сепак, ова се само варијанти што се разгледуваат додека се чека претседателот на парламентот Талат Џафери конечно да се приземји во земјава, со оглед на неговите постојани патувања во државите каде што се ратификува протоколот за нашето членство во ЕУ.

Посебен проблем се трите реформски закони од областа на правосудството, кои беа донесени со консензус, дури и со учество на ВМРО-ДПМНЕ во гласањето, така што двотретинското мнозинство треба(ше) да претставува брана од евентуално претседателско вето за нив. , и овие закони остануваат заглавени некаде помеѓу – на рутата од парламентот до претседателската резиденција.

Ветата на Иванов значат и блокада на владата, која е предлагач на повеќето од непотпишаните закони чија примена сега е оневозможена. Затоа и очекувана е реакцијата од „Илинденска“ дека Иваново треба да го почитува Уставот и да работи за прогрес на нашата држава кон евроатлантските интеграции. Само прашање е дали шефот на државата ќе ги послуша предупредувањата од Владата или до крај ќе продолжи да ја влошува и без тоа лошата кохабитација, која се наѕираше уште кога тој одбиваше да го даде мандатот за составување на новата влада на СДСМ и НАТО. Како што и тогаш жонглираше на работ на Уставот, повикувајќи се на потреба на негова заштита, така и сега - петтиот и најдолговечен досега шеф на државата го прекршува Уставот чии измени согласно со Преспанскиот договор добијаи меѓународна верификација. Можеби негова амбиција е да си го напумпа рејтингот пред заминувањето од Водно, ама реалноста е дека со опструкциите ги кочи клучните политичкии процеси во државата.

За неполни две години, претседателот Ѓорге Иванов стави вето на барем 15-ина закони донесени од актуелниот парламентарен состав, што е неверојатна бројка, ако се има предвид дека во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се памети воопшто негово одбивање да потпише закон донесен од тогашните собраниски гарнитури. Иако во периодот 2009-2016 година, кога се сменија три собраниски состави, имаше многу закони што предизвикуваа лавини реакции во јавноста, па и протести, како на пример законот со кој се ограничи правото на абортус или сетот закони од областа на образованието, Иванов во ниту еден момент не помисли да ги врати во парламентот.

Сепак, на Иванов му останува уште сосема малку време за разгорување на несогласувања со парламентарното мнозинство и со владата, со оглед на тоа што се планира Собранието да ги заврши сите неодложни обврски до крајот на овој месец. Почетокот на кампањата, всушност, ќе значи и „замрзнување“ на надлежностите на Иванов. Потоа, тој треба да ја напушти функцијата само една седмица по завршувањето на вториот и одлучувачки круг од изборите за негов наследник.

Споделување со вашите пријатели: