Атиџе блесна во полн сјај

Атиџе блесна во полн сјај
Документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска имаше две затворени проекции во киното „Милениум“, а премиерата за поширока публика ќе биде во август на фестивалот „Македокс“.

Централниот лик Атиџе, која е единствената жена одгледувач на диви пчели во Европа, е човек од кој сите треба да учиме. Процесот со одгледување на пчелите и принципот „половина мед за неа, половина за пчелите“, испраќа силна порака на глобално ниво како треба да ги користиме ресурсите што ни ги дава природата.

Филмот изобилува со неверојатни пејзажи од ридовите и недопрената природа во местото каде што живее Атиџе. Приказната е длабока, повеќеслојна и предизвикува силни емоции кај гледачот. На моменти се заборава дека гледаме документарен филм и целосно се внесуваме во дејствието како да сме таму, на самото место.

Музиката, која наменски за филмот ја направи групата „Фолтин“,целосно ја доловува атмосферата на дејствието.

Завчера, по втората проекција на филмот, „Фолтин“ имаше настап во Младинскиот културен центар. На сцената му се придружи и Атиџе која запеа заедно со нив.

Додека членовите на екипата го снимале филмот во текот на три години, Атиџе им се доверила дека отсекогаш сонувала да дојдат новинари и да ја фотографираат како оди по ридовите. Тој сон ѝ го исполнија, но и продолжуваат да ѝ помагаат обезбедувајќи ѝ попристоен дом во село. Атиџе блесна во полн сјај на проекциите во киното „Милениум“. Беше весела, среќна и задоволна што толку луѓе фасцинирала од нејзиниот начин на живот, а и нас како земја ни донесе три престижни награди на фестивалот „Санденс“. Меѓу присутните беа и неколку од дечињата што се појавуваат филмот. За нив се води и кампања иницирана од режисерско-продуцентскиот тим на „Медена земја“. Секој што ќе нарача од медот, всушност, донира за осумте дечиња. Тоа може да го сторите на својата официјална веб-страница honeyland.earth.

Режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, како и снимателите Фејми Даут и Самир Љума, се екипата што макотрпно работела и верувала дека оваа приказна ќе направи промена. По погледнувањето на филмот, речиси сме сигурни дека и ќе се случи тоа - поголема свест кон природата. (И.Н.)

 

Споделување со вашите пријатели: