Заев ја отвори ексклузивната изложба во Скопје: Требениште е безвременска загатка

Заев ја отвори ексклузивната изложба во Скопје: Требениште е безвременска загатка
Премиерот Зоран Заев, кој воедно е и покровител, синоќа ја отвори изложбата „100 години Требениште“ поставена во Националниот археолошки музеј во Скопје, како резултат на заедничката соработка со Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при бугарската академија на науки во Софија, каде што се чуваат вредните артефакти од локалитетот , откриени во различни декади на минатиот век.

Заев истакна дека оваа изложба е од огромно значење заради исклучителните артефакти презентирани на неа, но и заради раководителите и кустосите на трите институции од Северна Македонија, Бугарија и Србија кои направија историски чекор кога се согласија дека најсоодветен начин да се прослави 100 годишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет, е да се подготви заедничка изложба на која за првпат во историјата се претставуваат сите наоди од некрополата кај Требениште.

„Требениште е безвременска загатка која обединува. Загатка која за прв пат во својата историја пред нашата и светската јавност се претставува во нејзината блескава целина, и која од Скопје потоа ќе замине да биде претставена пред јавноста во Србија и Бугарија. Оваа благородна иницијатива говори за одважноста и за доблеста на слободоумните и прогресивни лидери во науката и уметноста да ги тргнат разликите настрана и да се фокусираат на нештата што обединуваат, наместо на нештата што разделуваат“, рече премиерот Заев на отворањето на изложбата и додаде дека епилогот, заокружената приказна за загатката Требениште, сега имаат шанса заеднички да ја решат националните историско-археолошки институции од Бугарија, Србија и Северна Македонија, во соработка со соодветните институции и од другите соседни земји.

Министерот за култура, Асаф Адеми, синоќа изјави дека изложбата „100 години Требениште“ е своевидна круна на пријателството меѓу три држави, чин кој потврдува дека помирувањето токму преку културата пристигна на овие простори.

Споделување со вашите пријатели: