Миле Зечевиќ: Влегов во надзорен, не станав директор на тајна полиција

Миле Зечевиќ: Влегов во надзорен, не станав директор на тајна полиција
Надворешниот советник на премиерот, адвокатот Миле Зечевиќ, чека одобрение од Народната банка за да влезе во надзорниот одбор на Стопанска банка Битола. Тоа е платена функција, исто како и консултантската за Владата. Истовремено, Зечевиќ е во партиската структура на СДСМ е и адвокат. Вели, нема ништо за криење, оти ако имал немало да се експонира и да си прави непотребни нервози во животот.

„Ова е функција во надзорен одбор на банка, а се крена врева небаре сум директор во тајна полиција. Нема судир на интереси“, ни изјави Зечевиќ.

Собранието на акционери го именувало Зечевиќ за независен член на надзорниот одбор на Стопанска банка Битола, нему му следува месечен нето-надомест од 50.000 денари и, бидејќи живее надвор од Битола, надомест за патување и сместување.

Акционер со квалификувано учество во Банката е „Пелистерка“ АД Скопје, фирма што заедно со поврзаното правно лице „Тимох“ ДОО Скопје поседува 21,85 проценти од вкупниот број акции со право на глас, т.е. обични акции. Газда на „Пелистерка“ е Цветан Панделески, кој е осомничен во предметот на СЈО, „Империја“.

Зечевиќ посочува дека повеќе од 20 години е другар со Дејан, синот на Цветан Панделески, кој исто така е член на надзорниот одбор. Дејан го предложил да ја врши контролно-надзорната функција.

„Против ‘Пелистерка’ нема постапка. Има против татко му на Дејан за одредено дејствие, ама тоа е друга работа“, објаснува Зечевиќ додавајќи дека излегува со име и презиме и не прави ништо заткулисно.

„Јас сум повеќе од 10 години ангажиран како адвокат, не директно во ‘Пелистерка’, туку во ‘Еуро дистрибуција’, фирма-ќерка што врши дистрибуција за нив. Не можам да се откажувам од луѓето што ги познавам само затоа што се обвинети. Јас сум со Дејан другар, татко му го знам, го почитувам, тој е бизнисмен од 1991 година. Не е врзан со офшор-компании, како што се споменува, тој си е стопанственик. Сè што направил во животот направил сам. Не можам утре да кажам дека не го познавам човекот, кога го познавам. Тој човек, болен од рак, отиде, одлежа 4 месеци во притвор. Што можев јас да му помогнам тука“, вели Зечевиќ појаснувајќи дека ни тогаш ни сега не можел да влијае врз тие процеси.

Вели, нема конфликт на интереси меѓу советничката функција во Владата и надзорната во Банката. Тоа го повторија и од Владата, истовремено посочувајќи дека ангажманот на надворешните советници е споив со други професионални ангажмани.

Во случајот „Империја“ за Цветан Панделески е продолжена мерката куќен притвор. Истата мерка важи и за Ненад Јосифовиќ, кој формално до 30 мај годинава е член на надзорниот одбор на Стопанска банка Битола.

Анита Салтировска

Споделување со вашите пријатели: