Заврши откупот на тутунот

Заврши откупот на тутунот

Со затворање на откупните пунктови во земјава, денеска и официјално завршува откупот на ланската реколта тутун. Според директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Благој Индов, откупот помина без проблеми и се откупени околу 25.250 тони тутун со просечна цена од 21,424 денари за килограм.

– Откупот помина регуларно, непречено и на задоволство на тутунарите. Деветте откупувачи во земјава денеска и официјално ги затвораат пунктовите, зашто законски завршува откупот на тутунот од ланската реколта. Ги правиме последните анализи, но факт е дека откупот помина на општо задоволство. Исплатата на родот е при крај. Досега на тутунарите им се исплатени близу 283 милијарди денари што е 97,57 проценти, изјави Индов.

Во Прилепскиот регион се откупени околу 13.000 тони тутун. Сега откупувачите во земјава до Министерството за земјоелство и до Платежната агенција треба да ги достават списоците на откупените количества за да им се исплатат субвенциите на тутунарите. Субвенциите се по класи, односно, тутунарите ќе добијат по 80 денари за прва, 70 денари за откупен килограм вора класа и по 60 денари за трета и за другите класи. Тутунарите во Прилепско треба да добијат околу 14 милиони евра државни субвенции.

Паралелно во подрачните единица на Министерството во тек е вадењето евидентни листови, како своевидни лиценци за годинашново тутунопроизводство. Досега во Прилепско се издадени 4.600 евидентни листови, а се очекува да бидат над 10.000.

– Се работи максимално да им се излезе во пресрет на тутунопроиводителите. За прилепско-долненскиот регион се издадени над 4.000 евидентни листови и уште скоро 600 во Општина Кривогаштани. Издавањето на листовите, последно годинава, е до крајот на март и се очекува од идната недела да се работи во две смени во Подрачната единица на Министерството, вели раководителот на прилепската Подрачна единица Зоран Пачешкоски.

Во меѓувреме, тутунопроизводителите веќе ги сеат леите со тутун и очекуваат годинава временските прилики да бидат поволни. 

Споделување со вашите пријатели: