Стефановски: Не постои подобар свет надвор од Балканот

Стефановски: Не постои подобар свет надвор од Балканот
– Културното наследство, а со тоа и музиката на Балканот, е огромно богатство на кое мораме да бидеме исклучително горди. Ако за тоа некој во светот не знае, тогаш тоа е проблем на неговите дупки во познавањето на музиката. Раскошот на балканската музика одамна го препознав и секогаш се обидував да го афирмирам тоа богатство преку компонирање и интерпретација. Ние мора да сфатиме дека токму ние сме светот и не постои подобар свет надвор од Балканот. Можеби кај нас е малку поразнобојно и повозбудливо, но затоа е и повеќе со емоции, како на Медитеранот, изјави Влатко Стефановски, пред вечерашниот концерт во Белград.

Вонсериските гитаристи со светска репутација Стефановски и Мирослав Тадиќ  ќе одржат концерт во белградската „Комбанк арена“,  во рамки на „Гитар Арт Фестивалот“, каде премиерно ќе претстават фрагменти од долго очекуваниот албум „Крушево 2“, како продолжение на еден од најдобрите гитарски проекти на овие простори.

Пред концертот, Стефановски оцени дека помалите култури се секогаш искомплексирани во однос на големите, но тоа не смее да се дозволи. Тој истакна дека публиката вечерва ќе има можност да слушне нешто ново и нешто старо, но одлично, и пред се ќе ужива во добра музика. Нагласи дека мора да се надминат предрасудите  дека на Балканот живеат јужнословенски племиња наспроти прекрасниот и уреден свет.

Соработката меѓу Стефановски и Тадиќ почна уште во 1998 година кога го реализираа албумот „Крушево“, кој има култно значење за љубители на звукот на гитарата. Двајцата гитарски виртуози ќе ја претстават својата едноставна комбинација на фламенко, блуз и џез, која ја изведуваат со неверојатна прецизност и енергија. Тие музиката од Балканот вешто ја комбинираат со етно џез, инструментален рок и блуз.

 

 

Споделување со вашите пријатели: