Никој не знае колку индустријата го загадува Скопје

Никој не знае колку индустријата го загадува Скопје
Зимава Скопје речиси не се симна од листата на најзагадените градови во светот, каде што ги делеше првите места главно со градови од азискиот континент. Анкетата на „Независен весник“, која беше објавена изминатиот викенд, покажа дека тоа е тема што исто така најмногу ги загрижува скопјани. А, има и зошто: Последниот извештај на Обединетите нации утврди дека една четвртина од сите предвремени смртни случаи и болести ширум светот се резултат на загадувањето и уништувањето на животната средина. Поради немање пристап до чиста вода за пиење, како резултат на загадувањето на околината на разни начини, секоја година умираат 1,4 милион луѓе од болести што можеле да се превенираат, како што се дијареја и паразити. Дополнително, емисиите на штетни гасови се зголемуваат во услови на суша, поплави и супербури, кои се влошуваат со зголемувањето на нивото на морето. Експертите советуваат дека навремената и соодветна заштита на околината во која живееме ќе значи и намалување на овие последици и зачувување огромен број ресурси.

Неславната титула, најзагаден град, Скопје ја дели со уште неколку македонски града - Тетово, Битола, Струмица, Кавадарци, Кичево, во кои особено во зимските месеци концентрациите на ПМ 10 честичките достигнуваат алармантни вредности. Случајно или не, речиси во сите овие градови има поголемо присуство на индустриски капацитети во нив или во нивната околина. Според Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI, Европската организација на врховни ревизорски институции, индустријата е најголемиот загадувач во Македонија, иако сите официјални изјави кај нас одеа во правец на тоа дека најголемите загадувачи се всушност домаќинствата. Тие, на оваа листа се на второ место, зад индустријата, додека автомобилите се оценети како средни загадувачи, а отпадот, земјоделството и останатите фактори се сметаат како помали загадувачи. Но, и покрај ваквите податоци, нема прецизно истражување колку всушност загадуваат индустриските капацитети во Скопје. По испитувањата на загадувањето од домаќинствата и сообраќајот, градските власти најавија дека годинава ќе следува истражување и за фабричките оџаци.

Во извештајот на Меѓународното ревизорско тело за Македонија има и причина зошто е тоа така. Во него имено стои дека институциите надлежни за оваа сфера и пошироко не соработуваат, дека инспекциите за животната средина на централно и на локално ниво работат без никаква координација, а средствата што Владата ги инвестира во борба против аерозагадувањето се премали. Засега, единствена превентива индустријата да не посегне по животната средина се интегрираните еколошки дозволи, кои наметнуваат обврски за инвестирање во нови технологии и фаќање чекор со модерното време на циркуларна економија, која е единствениот начин да има одржлив живот.

Дозволите за интегрирано спречување и контрола на загадувањето (ИСКЗ) се регулирани со Законот за животна средина. А-интегрираните дозволи ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање, додека Б-интегрираните дозволи во Скопје ги издава Градот Скопје, а во сите други градови ги издаваат општините. Целта на дозволите е секој индустриски капацитет да направи план за отстранување или, ако не е можно целосно да ги отстрани причините за негативно влијание врз животната средина. Поедноставно кажано, индустриските капацитети што ги добиваат овие дозволи ги добиваат врз основа на план како да го ограничат загадувањето на одреден рок, што го објаснува фактот дека ваква А-дозвола има и „Дрисла“, иако скопјани ја доживуваат како најголем загадувач во градот. Од Градот Скопје велат дека овие дозволи ги земаат истовремено предвид влијанијата на воздухот, водата, почвата, создавањето отпад, бучавата, енергетската ефикасност, превенцијата од технолошки катастрофи, употребата на суровини...

„Иницијален чекор во процесот на интегрирано управување со животната средина е да се обезбедат сознанија за емисиите во медиумите на животната средина: воздух, вода и почва и истите да се систематизираат преку изработка на интегриран катастар на животната средина, кој претставува основа за следење на индикаторите за квалитетот на воздухот, водите и почвата. Исто така Катастарот на животната средина претставува референтна точка при правењето анализа на ефектите од преземените мерки за подобрување на квалитетот на животната средина“, велат од Град Скопје.

Од вкупно 131 дозвола доделени од Министерството за животна средина до крајот на 2017 година, до кога е ажуриран регистарот на А-интегрирани дозволи, 25 од капацитетите се наоѓаат во Скопје. Од нив, најмногу се лоцирани во општината Гази Баба, вкупно 11. Повеќе има и во Карпош, вкупно четири, во Аеродром два и во другите општини по два или помалку.

Вкупно, во Скопје, според податоците од Просторниот план на Градот Скопје, има 110 индустриски капацитети, кои треба да имаат А или Б-интегрирани дозволи. Најголемиот дел од нив се наоѓаат во Општина Карпош - 42, потоа во Гази Баба - 27, во Ѓорче Петров - 18, во Кисела Вода - 10, а во другите општини се помалку од пет. Најголем дел од индустриските капацитети се од прехранбената индустрија (37), во кои спаѓаат месните индустрии, производството на леб и печива и на храна и пијалаци. Помалку се од хемиската индустрија (21), од текстилната (12), за хартија и графичка дејност (11), а другите, како градежништвото или металската индустрија, се помалку од десет. Надвор од оваа контрола се малите компании и погони со сила на ложиште под еден мегават, кои сами по себе не се фактор, но со оглед на нивниот голем број, заедно придонесуваат и тоа како за загадувањето. Дотолку повеќе што не се обврзани на никакви мерки за заштита.

А-интегрирани дозволи мора да има секој поголем индустриски капацитет во земјата, кој мора да ја приспособи својата инвестициска програма со заштитата на околината во која дејствува. Ниту една голема фабрика не смее да работи без ваква дозвола, но затоа, пак, малите можат да загадуваат без контрола.

Сепак, постојат и исклучоци, а во моментов тоа се државните РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“. Минатата година во јули беше најавено дека ЕЛЕМ активно работи за поднесување на барање за добивање А-интегрирана еколошка дозвола за РЕК „Битола“ и дека усогласеноста со еколошките планови треба да се заокружи годинава. Заради нереализирање инвестиции во заштита на животната средина пред неколку години, Државната инспекција за животна средина го затвори тетовски „Југохром“ откако еколошките граѓански организации го посочија комбинатот како најголем виновник за екстремните вредности на ПМ 10 честичките во воздухот во Тетово.

Б-интегрираните дозволи во главниот град ги издава Градот Скопје, а во другите градови општинските власти. Според регистарот на Градот Скопје, досега се издадени 22 Б-интегрирани дозволи на капацитети кои работат на подрачјето на Градот, а постојат и повеќе кои се во процедура. Од нив речиси половината или десет се лоцирани во индустриските зони на Општината Гази Баба. Во Сарај има три фабрики со Б-дозвола, во Ѓорче Петров, Шуто Оризари и во Аеродром се лоцирани по два од капацитетите, во Кисела Вода и Бутел има по една фабрика.

Сања Наумовска

 

 

Споделување со вашите пријатели: