Младата Ерза не успеа да се избори за живот

Младата Ерза не успеа да се избори за живот
По петнеделна битка за живот, дваесетгодишната Ерза Османи од Гостивар им подлегна на повредите од стравотната автобуска несреќа на автопатот Скопје - Тетово. Нејзиното срце престана да чука вчера околу 13 часот на скопските клиники.

„И покрај сите напори на лекарите да и го спасат животот и да и ги санираат повредите, девојката, сепак, почина“, ни потврди д-р Алберт Леши, раководител на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување при Ургентниот центар.

Кобни по неа беа тешките повреди на коските, на мускулите, на карлицата и на стомакот. Само два дена по несреќата на девојката ѝ беше ампутира нога. Лекарите сметаа дека на тој начин можеби ќе успеат да го вратат во живот нејзиното тело, кое беше згмечено под автобусот што излета. Изминатиот период беше приклучена на апарати за дишење.

Кобниот ден, на 13 февруари, младата девојка се враќала од студии во Скопје. Речиси секој ден патувала од Гостивар до главниот град и назад. Нејзиното семејство до последен момент веруваше оти Ерза ќе успее да ја добие најважната битка.

Таа е шеснаесеттата жртва на несреќата што ја зави Македонија во црно. Лекарите веруваат и последна, затоа што во болниците низ Скопје веќе нема повредени од кобното излетување кај селото Ласкарци.

Наодите на Обвинителството покажаа дека шоферот на „Дурмо турс“, кој превезувал над педесет патници, возел со 99 километри на час. Во еден момент изгубил контрола над воланот. Од средната коловозна лента по која возел, преминал на левата, ја пробил оградата, преминал на спротивната страна и преку стариот пат кон Тетово, прелетал во нивата кај Ласкарци. Возачот кочел кога ја преминал заштитната ограда помеѓу коловозните ленти во двете насоки, но поради преголемата брзина со која се движел и поради неисправните сопирачки не можел да ја спречи трагедијата.

Според пропишаните правила, возачот на автобусот, кој е тежок 15 тони, не смеел да ја пречекорува брзината од 80 километри на час, додека возилата под 3,5 тони може да возат до 100 километри на час.

Возачот бил дијабетичар, но медицинските вештачења утврдиле дека во моментот на несреќата тој немал никакви тегоби кои би влијаеле врз неговата состојба, не зборувал ниту на мобилен телефон ниту, пак, користел некоја апликација.

Сопственикот на компанијата, Дурмиш Белули, своите автобуси ги прегледувал во станицата за технички преглед „Авто мото здружение“, која, исто така, е негова. Автобусот поминал технички преглед во јули минатата година. Иако сопирачките на автобусот не биле исправни, односно функционирале делумно и со недоволен капацитет за автобус што треба да превезува патници, сепак, на автобусот му била издадена документација оти е целосно исправен. Згора на тоа, во автобусот бил инсталиран уред со кој се манипулира тахографот за да не ја евидентира точната брзина на движењето на автобусот.

Обвинителството отвори истрага против шест лица, а против уште едно лице е отворена кривична постапка. За несреќата се осомничени сопственикот и управител на „Дурмо турс“, раководителот на компанијата, тројца вработени во станицата за технички преглед и возачот на автобусот. (Г.А.)

Фото: Борис Грданоски

Споделување со вашите пријатели: