За една судиска побуна

За една судиска побуна
Ило Трајковски

По професија, како социолог, се препознавам себеси како научник. И затоа, во моите настапи за поширока јавност настојувам да се држам до принципите на научноста. Тоа значи, пред сè, до научниот метод. Според Исак Њутн, научноста е специфичен начин на испитување на појавите, начин на доаѓање до сознанија за појавите или начин на коригирање и надополнување на веќе постоечките сознанија за појавите. Специфичноста на њутновски разбраниот научен метод се состои во потпирање врз искуствено и, пред сè, врз мерливо потврдена вистина. А вистина е она што може да се докаже, да се провери и да се потврди видно, искуствено или рационално, но во секој случај со конкретни мерења. Тоа е така во врска со природните појави.

Но, како да се биде научник при испитување и промислување на општествените и хуманистичките појави? На пример, како да се биде научен во врска со прашањата за културата и идентитетот! Како да се биде научен во врска со лојалноста! Како научно да се зборува за прашањата во врска со националната свест и националните аспирации! Или, како научно да се потврди искуствената или рационалната основаност и исправност, на пример, на увереноста во конзервативните, либералните или во комунистичките идеи, или како да се измери одржливоста на верата, на пример?!

Овие и слични прашања секогаш и неодминливо произлегуваат од волуменозната важност која при решавање на општествените и хуманистичките теми ја има проблемот наречен вредности. Ништо во односите помеѓу луѓето, во општеството не се случува без вредностите. Тие се двигатели на човечката волја. Планетите или атомите во своето движење и меѓусебните поврзаности не знаат за волја, за инает или за приоритет и интереси. Но, на луѓето тие прашања им се поважни од зададените услови и реалните можности. Мене, во дадениот општествен како најпосакуван и приоритет над сите приоритети на македонското општество миг ми се чини една силна судиска побуна! Да! Судиска побуна!

Оваа мисла не е објективна аналитичка оценка дека такво нешто навистина се случува или дека е на повидок да биде. Не. Далеку сме ние од тоа. Помислата за судиска побуна е, пред сè, израз на желбата некои воочени конкретни појави и однесувања на чинители на правосудниот систем да ги исчитам и проектирам во една таква визија за иднината. Во некои мали чекори да согледам ембриони за крупна општествена промена. За толку посакуваното темелно менување на целокупното наше живеење и однесување. За еден општествен пресврт кој ќе ги пренасочи креативните сили на младите од странство кон дома, кој ќе ја сопре моралната ерозија и еколошката катастрофа која ни се заканува поради енормно подигнатите бранови на корупција, криминал и воопшто на агресија - симболичка, звучна, вербална, бихевиористичка, секаква.

Такви потенцијали гледам во чинителите на неколкуте судиски одлуки кои деновиве ја брануваат јавноста. Велејќи го ова свесен сум за ризикот и јас да бидам фатен во некоја од мрежите кои, во врска со нив, во водите на јавноста ги фрлаат ловците на политичките души на граѓаните. Но, како што е речено погоре, во дијагностицирањето на општествените појави вредностите се неодминливи, а со тоа и ризиците по објективноста. Затоа зборувам за потенцијал, за можност, за шанса, за надеж, на крајот на краиштата. Оти, што е човекот, што е општеството без надеж за подобро.

Од таа перспектива, такви шанси препознавам во изречените пресуди за предметот „Титаник 2“ и пресудите за насилствата во Собраните на 27 април. За едни мрежи ова се одлуки на „Кацарска судството“ за други, тие се доказ дека дошол крајот на „Сваровски судството“. И едните и другите на судиите гледаат само како на продолжени раце, маши, на политичките партии. Судството за нив било, е и може да биде само инструмент на политичко-партискиот прогон, инструмент за заробување на државата и за подјармување на општеството.

Некои од лицата за кои се изречени казните лично сум ги среќавал и познавал. Со некои сум имал и лични релации. И по таа основа сочувствувам со нив и нивните фамилии поради траумите низ кои минуваат и ќе минуваат. Некои од нив оправдано се чувствуваат онеправдани. За учество во истите настани нивни соработници беа амнестирани! За тоа, пак, не е виновно судството. Обвинителите ги обвинија, а судиите судеа и ги осудија оние за кои политичарите им допуштија ги обвинат и да ги осудат. Но, обвинителите и судиите, сепак, имаат заслуга за тоа. Тие не се побунија што на сред законски воден процес политиката ја поплука нивната професија.

Политичката игра со судството продолжува и по пресудите. Ќе има жалби, ќе има „дијалог“, ќе има кој знае што. Сега се чини не е спорно делото туку висината на казната. Според критичарите, изречените казни се драконски, а тоа е доказ дека станува збор за партиска инструментализација на судиите. Значи во изречените казни не се согледува некаков судиски пристап произлезен од принципот на слободно судиско убедување туку строга партиска послушност.

Така на пресудите се гледа во редовите на партиските елити. Меѓу обичното граѓанство на кое му припаѓам и изречените казни се читаат како светнување на ламба во мракот! Судиите преку санкциите ја покажуваат силата на законот. А обессилен закон не е закон. Со пресудите се подига за ронка вербата во валидноста на законите, во општествената функција на судството и во улогата на судиите. Судиите во дадениот контекст имаат единствена историска шанса да го искористат овој моментум и да покренат крупен општествен пресврт. Ова е момент да го пресвртат досегашниот тренд на стрмоглав пад на довербата на јавноста кон судството. Да се оттргнат од канџите на партиските предатори и да поведат една, ќе ја наречам, судиска револуција.

Ниту еден друг професионален слој во земјата го нема тој потенцијал и таа можност. Еве зошто. Прво, прашањата за правдата, за праведноста и за владеењето на правото се одамна подигнати на највисоко ниво на посакувани вредности. Мотото „нема правда нема мир“ одекнува и денес. Правдата е храна за народот и тој е гладен за неа (Шатобријан). Второ, судиите во споредба со професорите, лекарите, офицерите, бизнисмените, писателите, уметниците... и другите елитни социопрофесионални слоеви се најмалобројна категорија. Денес, после неколкугодишното континуирано намалување на судискиот ешалон преостанаа само уште околу 531 на број. Трето, бидејќи се малку и бидејќи својата дејност ја извршуваат во законски и хиерархиски поставен систем тие меѓусебно се познаваат и имаат оперативни канали на комуникација. Малобројноста и меѓусебната комуникација, според железниот закон на олигархијата, треба да им овозможи поголема кохезија и ефективно колективно дејствување. Четврто, судиите имаат изградена и етаблирана содружничка мрежа, а најавено беше и за нејзино збогатување со ново здружение на судии.

Зошто судиите би влегле во еден такво потфат? Просто! Ако тие не соберат сила да покренат движење за преобразба на општеството според принципите на владеењето на правото за што се платени, тогаш општеството, или неговиот најистурен дел преставен во ликот на политичарите ќе ги докусури, претворајќи ги во партиски приврзоци. Судиите или ќе судат како што им е дадено со Устав и законите или ќе им биде пресудено!

Споделување со вашите пријатели: