Вардар во Загреб прави подлога за Скопје

Вардар во Загреб прави подлога за Скопје
Европската ракометна федерација го прогласи вечерашниот меч од Лигата на шампионите меѓу Загреб и Вардар (20.30 часот) за натпревар на неделата, очекувајќи дека дуелот меѓу старите ривали ќе биде највозбудлив во осминафиналната пресметка. Традицијата на двата тима, кои во минатото беа и европски шампиони, исполнетата Арена што има капацитет од 15.200 места, како и квалитетот на македонскиот и на хрватскиот шампион се предуслов за квалитетен меч, во кој, сепак, фаворитската улога му припаѓа на нашиот тим. Скопјани ќе бидат засилени со Кристијан Дисингер и Вуко Борозан, кои се враќаат во тимот по санираните повреди, но без доволно залечениот Сергеј Горбок, кој би требало да биде фит за реваншот по седум дена.

„Загреб игра со висок интензитет и сигурно дека ќе биде тешко, ќе треба да одиграме еден перфектен меч ако сакаме дома да ни биде полесно. Нема простор за калкулации, треба да одиграме 60 минути најдобро што можеме, па да мислиме за реваншот во Скопје. Доколку влеземе со калкулации, само ќе ја искомплицираме работата“, вели стратегот на црвено-црните, Роберто Парондо.

Во таборот на загрепчани признаваат дека ги чека исклучително тежок меч, но велат оти цела сезона напорно работеле за да стигнат да играат олку важни натпревари каков што е денешниот, па не мислат лесно да се предадат.

„На секоја позиција се добро покриени, им се враќаат и некои повредени играчи. Нѐ чека исклучителен натпревар, свесни сме за тоа. Нам ќе ни недостигаат Леон Шушња и Аријан Јовиќ, кои што ја завшрија сезоната. Секој играч многу ни значи. Имавме напорен ритам последните три недели. Повеќе патувавме и игравме отколку што трениравме, ни недостига енергија. Последните два натпревари од хрватското првенство ги одигравме малку полошо. Ни треба уште работа. Мојот систем е таков што сите 16 ракометари ќе играат, сите ќе добијат шанса. Не сум тип што најавува резултати. Можеш дома да победиш, па на гости да изгубиш десет разлика. Ако сакаш добар резултат против Вардар, мораш да играш одбрана на високо ниво. Дури 70 отсто од подготовките ги наменивме за одбраната. На навивачите можам да им ветам дека ќе дадеме максимум за да избориме добар резултат. Вардар е добар, но и ние имаме свои квалитети“, рече тренерот на „плинарите“, Бранко Тимше.

Капитенот Златко Хорват вели дека неговиот тим ги надминал очекувањата сезоната, а престојниот двомеч е шлаг на тортата.

„Вардар пред две години беше првак на Европа и сигурно дека е фаворит во двомечот со нас, дури и за влез на 'Фајнлфоур' турнитот. Тие се врвна екипа, но ќе дадеме сѐ од себе да минеме“, заклучи Хорват.

Вардар и Загреб се сретнаа и пред четири недели во рамките на СЕХА, кога скопјани на домашен терен победија со 28-26. Во првиот меч во Загреб, Хрватите славеа со 26-23. Во Лигата на шампионите последен пат меѓусебе играа во 2017 година кога македонскиот шампион извојува две убедливи победи, а потоа и ја освои титулата најдобар на стариот контитент.

Реваншот е следната сабота во Скопје. Влезниците се веќе во продажба и чинат 350, односно 400 денари.

Лига на шампиони, 1-8 финале, први мечеви:

Рајн Некар – Нант 34:32

Мотор – Кјелце (сабота, 17.30 часот)

Мешков – Фленсбург (сабота, 18 часот)

Загреб – Вардар (сабота, 20.30 часот)

Висла - Сегед (недела, 16 часот)

Спортинг – Веспрем (недела, 18 часот)

Директен пласман во четврфиналето обезбедија ПСЖ и Барселона.

Споделување со вашите пријатели: