Дозираната демократија и претседателските избори

Дозираната демократија и претседателските избори
Здравко Савески

Ако го отворите Уставот, веднаш, уште во првиот член, ќе прочитате дека државата во која живееме била демократска. Но, малкумина ќе се согласат дека во Македонија имало демократија. Тоа е и заклучок на меѓународните организации што ја оценуваат демократијата во земјите во светот.

Така, „Фридом хаус“, американска организација на естаблишментот, оцени дека нивото на демократија во Македонија, во ниту една година од 1992 до 2018 не било на потребното ниво за таа да добие статус на слободна земја. И сите овие години ѝ доделуваше статус на Македонија на делумно слободна земја, статус кој не им се дава на демократските земји. До слични наоди дојде и „Економист“, британска корпорација на естаблишментот. Тие, во својот Индекс на демократија, кој го објавуваат од 2006 година, за Македонија заклучија дека од 2006 до 2015 година била фалична демократија, за потоа да потоне уште подолу и во последните три години да биде – хибриден режим.

Враќање на демократијата? И тоа испадна една од многуте лаги на Заев. Македонија под негова власт не успеа да „напредне“ од хибриден режим до фалична демократија, а камоли нешто повеќе. Демократија во Македонија ниту ја има ниту ја имало од независноста до денес. И повторно ќе нагласиме, не е тоа само мислење на обичните граѓани, кои секојдневно ги гледаат неправдите извршени преку кршење на процедурите во корист на моќните. Тоа е и заклучокот на западните истражувачки центри кои се дел од естаблишментот. А враќањето на демократијата? Не можеш да се вратиш на нешто што никогаш го немало. Демократијата во Македонија е нешто што допрва треба да се воведе.

Хибриден режим, делумно слободна земја! Тоа е државата во која живееме! Во нејзиниот Устав пишува дека е демократска држава, но таа е исто толку демократска колку што е социјална! И како што трошките социјална помош кои му ги фрлаат на народот се недоволни за државата да се смета за социјална држава, исто и трошките демократија се недоволни за државата да се смета за демократска држава! Трошки, траги, остатоци, исклучоци – тоа не е демократија. Тоа е само привид, плашт, завеса, фасада што ја прикрива суштината: дека одлуките што им се важни на властодршците тие се подготвени да ги истераат и преку газење на демократијата.

И тука доаѓаме до дозираната демократија. Кога се работи за помалку важни работи, кои сериозно не ги доведуваат во прашање интересите на властодршците и интересите на оние кому им служат, тогаш не е проблем тоа да помине со почитување на демократските процедури. Но, за важните прашања, ако е потребно, се посегнува и по кршење на демократијата. Притоа, клучниот момент не е бројот на акти кои се извршени преку кршење или почитување на демократијата. Дури и во 90 проценти од случаите да се постапува демократски, ако за најважните одлуки на маса е и опцијата, ако мора, да се посегне и по недемократски методи, станува збор за дозирана „демократија“. Кога демократијата е допуштена само до одредено ниво, кога е ограничена на помалку важните сфери и случаи, тогаш тоа не е демократија, туку систем во кој дозите демократија служат за да ги излажат граѓаните дека живеат во демократски систем, да му дадат легитимитет на системот и да не го проблематизираат владеењето на ненародните врхушки.

Следните претседателски избори ќе се одржат само половина година по неуспешниот референдум на кој беше погазена волјата на граѓаните. Тој референдум јасно покажа дека живееме во дозирана „демократија“. Кога испадна дека не можат да го истераат планираното по демократски пат, властодршците прибегнаа кон „заобиколување“ на демократијата.

На изборите не добија мандат од граѓаните за промена на името на државата. Напротив, добија мандат кажувајќи го токму спротивното во изборната кампања. И откако си го истераа планираното без мандат од граѓаните, одбија преку распишување на предвремени парламентарни избори барем да им дозволат на граѓаните отпосле да одлучат дали потегот што го презедоа бил правилен или не. Па кога веќе немаа претходен мандат, тој мандат отпосле да го стекнат. Така се постапува во демократските земји. Но, не и во хибридните режими како Македонија. Без поголеми дополнителни трошоци, можеа да распишат предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Но иако така не постапија, сега од граѓаните бараат да гласаат само на изборите кои ним им се важни. За преку гласањето граѓаните да му дадат легитимитет на сериозно делегитимираниот систем.

Гласањето на овие претседателски избори го содржи и елементот на давање легитимитет за пристапувањето кон уставните измени без добиен мандат, како и за игнорирањето на резултатот на референдумот и за неорганизирањето предвремени парламентарни избори. И секој што ќе излезе да гласа, без разлика за кој кандидат, треба да биде свесен за овој елемент. А токму тој елемент им е исклучително важен на властодршците.

Претседателските избори во Македонија се избори со цензус (со изборен праг). Во Македонија избори со цензус се претседателските и градоначалничките, а парламентарните и советничките се избори без цензус. Друг важен елемент за претседателските избори, а што се однесува на гаранциите за регуларноста, е дека при претседателски избори, исто како и при локални избори, не доаѓа до избор на т.н. пржинска влада, која се избира само пред парламентарни избори.

Ова е важно да се има предвид, зашто тоа кажува дека претседателските избори, од една страна, се избори за кои има помали гаранции дека власта нема да врши изборни нерегуларности, а од друга страна, се избори на кои граѓаните го имаат и правото преку негласање да искажат став, а тој став да има тежина. Со други зборови, станува збор за избори за кои граѓаните имаат помали гаранции дека ќе се почитува нивниот глас.

Има една важна, но малку забележана константа за претходните претседателски избори. На сите нив, без исклучок, победувале кандидатите на владејачките партии. Пет избори – пет победи на владејачките кандидати! Притоа, овие победи на претседателските избори се случувале во периоди кога партиите на власт веќе успевале да ги разочараат граѓаните, не исполнувајќи ги изборните ветувања и владеејќи уште полошо од претходните. Па како во тој случај, на сите досегашни претседателски избори успевале да победат владејачките кандидати?

Власта одби да распише предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Власта одби да ја почитува волјата на народот при последното гласање. Намерно ги држат условите за кандидирање за претседател на државата толку високи за никој друг освен кандидатите поддржани од машинериите на најголемите кандидати да не успее да се кандидира. Нема дополнителни гаранции за регуларност на изборите. Од друга страна, граѓаните ја имаат моќта преку негласање кое се брои да го изразат својот револт не само од сегашната владејачка гарнитура, туку и од системот што ги гази и цица. Зошто во ваков контекст да се излезе на гласање?

Граѓаните во Македонија често размислуваат парадоксално. Од една страна, чувствуваат, гледаат, знаат дека нема демократија. Од друга страна, претпоставуваат, веруваат, се надеваат дека изборите ќе бидат регуларни. И кога не се обезбедени доволно гаранции за тоа. Тој парадокс во мислењето треба да се надмине. Или ќе мислиме дека има демократија и следствено дека изборите ќе бидат регуларни. Или ќе знаеме дека во системот има само дози демократичност, кои не се доволни сами по себе за регуларност на изборите и дека, во таква ситуација, без дополнителен притисок врз властодршците, не може да се надеваме на регуларни избори.

Споделување со вашите пријатели: