Деан Мицкоски на покана на Ерик Мориљо со диџеј-сет во Мајами

Деан Мицкоски на покана на Ерик Мориљо со диџеј-сет во Мајами
Македонскиот диџеј Деан Мицкоски доби лична покана од светски познатиот продуцент и диџеј Ерик Мориљо да настапат заедно на музичката конференција во Мајами, која се одржува последната седмица од март.

Ова не е прва соработка меѓу Мицкоски и Мориљо. Во изминатиов период тесно соработуваа и за издавачката куќа на Мориљо, „Сублиминал рекордс“.

- Голема е честа да пуштам музика токму на роденденот на Мориљо на негова лична покана. А на музичката конференција во Мајами ќе имам неколку настапи, и тоа со Хери Ромеро, Моноки, Арманд Пена, Џин Фарис, Патрик М и други. Додека, пак, заедно со мојата „Дип рут рекордс“ ќе имам настапи со диџеи од калибарот на Горгон Сити, Шиба Сан, Денис Ферер, Роналд Кларк, Кени Доп, Френсис Мерсиер - вели Мицкоски.

Тој како коосновач на „Дип рутс рекордс“ е активен и на промоција на други артисти од електросцената, но и во организација на музички фестивали, претежно на територијата на САД.

На 6 април, пак, Мицкоски ќе настапи во Њујорк во еден од најпознатите клубови „Марки“ (Marqee), повторно во соработка со Мориљо.

Последната нумера на Мицкоски „Level Up“, која е издадена за „Сублиминимал рекордс“, имаше еден милион прегледи на интернет.

Тој е во исчекување на нови нумери, кои наскоро ќе бидат пуштени во етер, а се во соработки со светски звучни имиња од електронската сцена.

- Сè се одвива бавно и спонтано. Мило ми е што секоја нова песна е добро прифатена и се пушта по реномирани музички радија, а диџеите се почесто ги одбираат во своите сетови - вели Мицкоски.

Мориљо го сместува Мицкоски во најперспективните диџеи и полека но сигурно му се отвораат вратите од овој свет.

Неодамна, во разговор за „Независен весник“, Мицкоски ни раскажа дека неговото хоби станува професија.

- Досега имам настапувано низ познати клубови во Њујорк, некогаш дури и цела седмица имам ангажмани без паузи. Ми се допаѓа тоа што го работам, а од тоа задоволство произлегоа соработки со многу важни личности во оваа индустрија. Досега имам издадено за познати продуцентски куќи во Данска, Германија, Англија, Шведска, Австралија, Италија, САД - рече Мицкоски и додаде дека негов пасиониран правец во музиката е дип-тек хаус или тек-хаус, а всушност, тоа е и она што тој го создава.

Мицкоски пред десетина години се отсели од Македонија и почна да го живее својот сон во Големото Јаболко - Њујорк.

Ивана Настеска

Споделување со вашите пријатели: