Заврши десеттиот „Робомак 2019“

Заврши десеттиот „Робомак 2019“
Со финален натпревар во шест различни категории заврши десеттиот „Робомак 2019“, во рамки на Неделата на роботиката, што ја организираа студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). На натпреварот во Домот на АРМ биле квалификувани 22 од вкупно 29 екипи, соопштуваат од ФЕИТ.

Победници на Робомак 2019 во различни категории се: за „Robotic arm“ – Благој Христов и Владимир Илиќ од ФЕИТ, „Maze“- Растко Тодоровиќ и Никола Бранковиќ од ФТН, Нови Сад, „Line follower“- Лука Адамовиќ и Јелена Лалиќ од ЕТФ, Белград, „AI football“- Игор Наумовски, Симеон Трендов и Здравко Тодоров (ФЕИТ), „Sphero“- Михаило Ристиќ и Софија Петровиќ (ЕТФ, Белград), „Sumo“- Андреј Биковски и Борис Стевановски (ФЕИТ).

За студентот Сања Цветковиќ, дел од организацискиот тим на Робомак и член на Студентски огранок на Македонската секција на ИЕЕЕ (Институт на инженери по електротехника и електроника), огромно е задоволството да се биде дел од ваков сериозен настан.

– Учесниците напорно работеа цела недела, речиси 12 часа дневно, но сето тоа беше многу интересно затоа што имаше многу дружење, работа и активности. Многу ми е мило што Робомак станува традиција, што ќе продолжи да се негува и надградува секоја година, вели Цветковиќ.

ФЕИТ организираше Недела на роботиката по повод 10 години организација на Робомак – меѓународниот натпревар по роботика и вештачка интелигенција и 60 години од основањето на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Споделување со вашите пријатели: