Со колички на протест, МТСП тврди дека нема кратење на правата

Со колички на протест, МТСП тврди дека нема кратење на правата
Од Здружението Хендикеп на прес-конференција од пред Министерството за труд и социјална политика, порачаа дека лицата со попреченост, ќе протестираат ако треба секој ден со колички, доколку не се земат предвид нивните барања, пред се подигање на висината на помошта која се издвојува од буџетот.

„Има пари за сите само за лицата со хендикеп нема. Со 7.000 денари месечно. колку што предвидел предлагачот на законот, не може ниту половина од месечните трошоци да се покријат. Од друга страна има спорен член во предлог-законот за социјална заштита, кој вели дека лице кое користи надоместок за попреченост, истовремено не може да користи надоместок за помош и нега од друго лице. Сметаме дека овој закон е дискриминирачки, иако Македонија  е потписничка на конвенцијата на ОН, за еднаков пристап на овие лица, бидејќи не прави ништо за подобрување на условите за живот“, рече Бранкица Димитровска.

Таа смета дека власта нема слух за овие лица и дека инклузијата што ја предлага министерката Царовска е само на хартија.

Од Министерството за труд и социјална политика ја демантираа  денешната изјава од „Хендикеп плус“,  дека со предложениот закон за социјална заштита се кратат правата на лицата со попреченост. Напротив, сметаат дека со новата законска регулатива се унапредуваат правата и тоа преку неколку основни начела: начело на еднаков третман и недискриминација, начелото на партиципативност, начело на индивидуализација и начело на најдобар интерес.

„Со социјалната реформа се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост - Лична асистенција и услугата Домашна нега. Правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50 отсто од просечна нето плата“, велат од Министерството.

„Во законот се предвидува инклузија, но при тоа нема конкретни мерки со кои ќе спроведе таа и според нас, овој закон ни млаку нема да ја подобри нашата ситуација. За каква инклузија зборуваме кога, нема пристапност до институциите, односно инфраструктурата не е прилагодена, па инвалидизираните лица за да стигнат од една до друга релација мора да одат со такси и со придружник. Не се ослободени од партиципација за здравствени услуги, не се ослободени од ДДВ, не се ослободени од ниту една комунална давачка. Затоа бараме и апелираме да се слушне нашиот глас и да порачаме дека хендикепот не е треба да се гледа кај поединецот туку во општеството“, изјави Димитровска од Здружението Хендикеп.

Од Министерството потсетуваат дека веќе се направени првите чекори за воспоставување индивидуализирани социјални услугиво заедницата - за првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција, финансирана од Буџетот на МТСП.  По завршувањето на подготовките, вклучувајќи обука на идните персонални асистенти вкупно 69 лица во седум општини добија можност да ја користат услугата лична асистенција. За оваа година се предвидува 200 лица со попреченост од целата земја да ја користат оваа услуга, вклучувајќи ги лицата со интелектуална попреченост. Ова е доказ дека оваа Влада во целост ги има во предвид одредбите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, особено нејзините одредби за независен живот и независно одлучување кои се основата на развојот на сите нови индивидуални услуги коишто во минатото не постоеле.

Според податоците на Здружението Хендикеп, има околу 2.000 лица со попреченост кои користат колички.

Споделување со вашите пријатели: