Навигаторите од регионот во Скопје се координираат за прелетите во летниот период

Навигаторите од регионот во Скопје се координираат за прелетите во летниот период
Координација на летовите во Југоисточниот регион со цел ефикасно опслужување на воздушниот сообраќај во текот на претстојната летна сезона, е главната тема на прелиминарниот координативен состанок со Sout East Axis 23, кој денеска и утре се одржува во Скопје во организација на М-НАВ, а под покровителство на Евроконтрол.

Претседателот на Управниот одбор на Македонската навигација Николче Тасевски појасни дека на дводневниот состанок ќе се разговара за подобрување на организацијата на воздушниот простор, опслужување на зголемениот воздушен сообраќај во однос на изменетиот проток, методи на комуникација и слично.

– Овој координативен состанок е од особена важност за справување со предизвиците во воздушниот сообраќај кој ги носи летото 2019 година за сите држави во Југоисточниот регион, а особено за Република Северна Македонија, земајќи го предвид значителниот пораст на воздушниот сообраќај над нашето небо, истакна Тасевски.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) Томислав Тунтев рече дека потребата од високоразвиена соработка во регионот е неопходна со цел да се разменат и интензивираат најдобрите и најкорисните практики помеѓу државите кон безбеден, сигурен и ефикасен интегриран воздушен сообраќај.

– Активно го следиме светскиот развиен тренд и во таа смисла преземаме многубројни чекори кон интеграција во европскиот воздухопловен систем, истакна Тунтев, кој изрази благодарност за посветеноста на М-НАВ да биде домаќин на овој, како што рече, важен состанок.

Учесниците на состанокот ќе разговараат околу расположливиот капацитет на воздушниот простор, ефектот од дефицит од персонал и ефектот од евентуални штрајкови во индустријата со посебен акцент на подготовка и планирање на одредени сценарија за непречен проток на воздушниот сообраќај.

Одлуката за овој состанок, кој за првпат се одржува во нашата земја, едногласно е изгласана од страна на државите членки на Евроконтрол. На состанокот учествуваат претставници од приближно 30 држави членки на Европската контрола на летање.

Во рамки на овој дводневен состанок е планирана и посета на Центарот за контрола на летање.

Споделување со вашите пријатели: