Австрија: Претрес во стан на движењето „Идентитарист“ поради врски со убиецот во Крајстчрч

Австрија: Претрес во стан на движењето „Идентитарист“ поради врски со убиецот во Крајстчрч
Австриската полиција изврши претрес во стан на десничарското движење „Идентитарист“ Мартин Селнер поради можна врска со Брентон Тарант, кој во напад на две џамии на Нов Зеланд уби 50 муслимански верници.

Селнер соопшти дека полицијата синоќа го извршила претресот на неговиот стан, бидејќи добил донација од изведувачот на терористичкиот напад во Крајстчрч. Тој вели дека полицијата води истрага против него врз основа на обвинувањата за „членство или основање на терористичко здружение“. Селнер призна дека добил несразмерно висока донација од една меил адреса со презимето на атентаторот од Нов Зеланд. Тој вели дека за донацијата се заблагодарил, како што секогаш се заблагодарува на донаторите. Селнер уште тврди дека имал намера да ја пријави донацијата, бидејќи знаел дека се води истрага и во Австрија, но не успеал тоа да го стори пред упадот на полицијата. Тој најави дека донацијата ќе ја подари на една хуманитарна организација и потенцираше дека нема никаква врска со нападот во Крајстчрч. Селнер тврди дека никогаш не го сретнал Тарант, ниту имал некаков контакт со него. Во видео-пораката објавена на социјалните мрежи, Селнер дава нејасни податоци за донацијата и во еден момент вели дека му била дадена на почетокот на минатата, а во друг дел дека тоа било направено на почетокот на оваа година.

Истрагата во врска со нападот на Нов Зеланд покажа дека дека Тарант, пред терористичкиот напад престојувал и во Австрија. Според медиумите, тој на 26 ноември допатувал во Виена, а потоа ги посетил покраините Корушка, Салбург и Тирол.

Селнер е убеден дека Австралиецот се обидува австриското десничарско движење да го вовлече во нападот, бидејќи изјавил дека „патриотите“ кои се борат против масовната миграција и се за мирно решение, се смешни и лажни. – Репресијата против патриотските активисти, како што и сакаше Тарант, веќе почнаа, тврди Селнер.

„Идентитаристичкото движење на Австрија“ (ИБО), чиј основач е Селнер, е австриска десничарска националистичка и нова десничарска организација. Инспириран од францускиот „Блок идентита р“, припаѓа на пан-европското идентатиристичко движење.

ИБО се противи на либерализмот, интернационализмот, исламот и исламизмот, мултикултурализмот и моделот на мешање на вери и етникуми и се залага за етноплурализам. Централно идеолошко начело е зачувување и развој на културниот и етничкиот идентитет.

Идентитаризмот има свои кореини во Франција, но исто така, е проширен и во Скандинавија и остатокот на Европа.

Споделување со вашите пријатели: