Тамара со разгледница од Израел: Овде е лудо!

Тамара со разгледница од Израел: Овде е лудо!
Забавно, напорно и професионално. Вака македонската претставничка на Евросонг Тамара ексклузивно за „Независен весник“ го опишува снимањето на евровизиската разгледница во близина на Тел Авив. Таа се снима на неколку локации, меѓу нив и шумата Кармел.

Тамара е расположена, и во завидна физичка кондиција иако во прв план е чувањето на гласот зашто интерпретацијата на моќната балада „„Proud“ бара 100 процентен максимум и концентрација.

Во разгледницата што ја испраќа Северна Македонија до сите фанови во светот учествуваат и танчери од Израел на кои веднаш им се допаднала енергијата и забавната страна на нашата поп-ѕвезда но и нејзиниот професионализам и моќен вокал.

Тамара во Тел Авив промовира и уникатен стил-исклучителен дизајн на модните парчиња од врвни светски брендови, благодарејќи на соработката со „Фешн груп“ од Скопје, а по избор на стилистот на Тамара на Евросонг, еден од нашите најдобри модни дизајнери Александра Ношпал.

Тамара на 7 мај ќе ја има првата проба со песната „Proud“ на сцената на „Експо центарот“  во Тел Авив. Македонската делегација ќе отпатува на престижниот музички настан еден ден претходно. Сценскиот настап се подготвува во консултација со тим од Шведска.

Aвтори на евровизиската песна на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на писателот Коста Петров.

Ова ќе биде четврто учество за Тамара на овој престижен фестивал, но прво како солист.

На Евровизија таа првпат беше како придружен вокал на Тоше Проески, во 2004 година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и со Врчак во Белград 2008 година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“, но не се пласира во финалето. Како придружен вокал на Тијана, таа беше и на евровизискиот натпревар во 2014 година во Копенхаген.

Годинашниот евровизиски тим на МРТ го сочинуваат одговорниот уредник на МТВ 1, Анета Андонова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ 1, Мери Попова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ 2, Авни Ќаили и уредникот на Културната програма на МРА 1, Тони Цифровски.

Последниот македонски претставник што избори пласман на евровизиско финале беше Калиопи во 2012 година.

Израелскиот топ-модел Бар Рефаели, ќе го води Евросонг заедно со Ерез Тал, Аси Азар и Луси Ајуб.

Логото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.

Шеесетичетвртото издание ќе има 41 учесник. Бугарија се откажа заради финансии, а потоа и Украина.

Во првото полуфинале на 14 мај ќе настап 17 земји, кои заедно со Франција, израел и Шпанија ќе можат да гласаат во ова полуфинале. Во второт полуфинале, на 16 мај, каде сме и ние , ќе учествуваат 18 земји, кои заедно со Германија, Италија и Велика Британија ќе можат да гласаат во ова полуфинале. Во финалето, на 18 мај, 26 земји ќе настапат, аќе можат да гласаат сите 41.

Л. Сабит

Споделување со вашите пријатели: