Народна банка: Прво влез во ЕУ, па стратегија за евро

Народна банка: Прво влез во ЕУ, па стратегија за евро
Македонија уште нема стратегија за воведување на еврото како официјална парична единица во државата. Од Народна банка велат дека тоа ќе се прави по влезот на земјата во ЕУ.

„Стратегијата е појдовната точка за почнување на процесот на воведување на еврото како официјална парична единица во една држава. Но овој процес е повеќефазен и прво и многу важно, претпоставува официјално членство во Европската Унија. Пред нас како држава е период на голем ангажман и целосна посветеност на процесот на преговори со ЕУ, усогласување на нашето законодавство со европското и исполнување на условите за членство. Формалните активности за интеграција во монетарната унија и воведување на еврото можат да започнат дури по добивањето на статусот на полноправна членка на ЕУ. Колку брзо по влегувањето во ЕУ една земја ќе одлучи да го започне процесот за воведување на еврото зависи од нејзината стратегиска определба и нејзината подготвеност. Ние сме мала и отворена економија, со де факто фиксен номинален курс на денарот во однос на еврото многу долг временски период. Оттука, според наше видување, по влезот во ЕУ, би требало брзо да го започнеме и процесот за воведување на еврото, што подразбира и исполнување на потребните критериуми“, ни изјавија од Народна банка.

Прашањето за воведување на еврото се актуелизираше по интервјуто на гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска за агенцијата Блумберг, во кое говори дека со девизен курс врзан за таа валута, како и со нивоа на долг и инфлација во европски рамки, земјата ги исполнува повеќето формални критериуми и дека тоа е природен тек на процесот. Од кабинетот на гувернерката за „Независен весник“ одговорија дека стратегијата за воведување на еврото е опсежен документ во кој се дава детална економска анализа на придобивките и трошоците од воведувањето на еврото, процесот на воведување на единствената валута и стратегиските насоки во однос на политиките.

„Во практика, како што покажува и искуството на другите централни банки, посветеноста на ваквиот документ следува по влезот на земјата во ЕУ. На пример, Хрватска е членка на ЕУ од 2013 година, а стратегијата за воведување на еврото ја објави во октомври 2017 година“, ни одговорија од Народна банка.

Воведувањето на еврото е препорака до земјите членки на ЕУ, но секоја земја членка самостојно одлучува кога ќе започне со процесот.

„Според искуствата на другите земји што минаа низ овој процес, првиот чекор се неформалните консултации со другите земји членки и институциите на ЕУ. Втор и многу важен чекор е формално барање за пристапување во т.н. механизам на девизни курсеви II (МДК II), при што нема дефиниран ограничен период за преговорите за членувањето во овој механизам. Членството во МДК II трае не помалку од две години пред воведување на еврото. Истото е дел од т.н. Мастришки критериуми за влез во монетарната унија и подразбира стабилен девизен курс во однос на еврото со одредени маргини на флуктуација. Дополнителни елементи на овие Мастришки критериуми се: ценовната стабилност, односно ниска инфлација; одржливи јавни финансии, мерливи преку низок буџетски дефицит не поголем од 3 отсто од БДП; нивото на долгот на општа влада, кое не треба да надминува 60 отсто од БДП. Како централна банка цениме дека исполнувањето на овие критериуми не би требало да биде посебен предизвик за македонската економија“, објаснуваат од НБРСМ додавајќи дека глобалната финансиска и економска криза имаше одраз и врз патот на монетарната интеграција на земјите што сè уште не се дел од еврозоната.

„Една од поголемите промени е формирањето на банкарската унија, поставена на два столба - единствениот супервизорски механизам и единствениот механизам за решавање на проблематични банки. Оттука, земјите што се движат на патот кон воведување на еврото, паралелно ќе мора интензивно да работат и на усогласување на супервизорската поставеност, и други институционални и структурни елементи важни за непречено функционирање на финансискиот сектор“, велат од Народна банка.

Заштедите на граѓаните 47,9 отсто се во девизи

На крајот на февруари учеството на депозитите со валутна компонента во вкупните депозити изнесуваше 40,6 отсто, а идентично е и учеството на кредитите со валутна компонента во вкупните кредити. Конкретно, за секторот „претпријатија“, овие учества изнесуваат 30,5 отсто и 37,1 отсто, додека кај населението учеството на депозитите и кредитите со валутна компонента изнесува 47,9 отсто и 44,2 отсто, соодветно.

Евроизираноста на македонската економија е релативно висока, но многу важно е што речиси постојано има тенденција на нејзино намалување. Воедно, како што неодамна беше истакнато, и во најновиот извештај на агенцијата „Стандард и Пурс“, особено значајно е што евроизираноста кај нас е помала во однос на некои од земјите во регионот, како што се Србија и Хрватска.

Постојаното намалување на степенот на евроизација јасно ги покажува стабилните очекувања и довербата во денарот. Исклучок се само периодите во кои се соочивме со поголема политичка неизвесност, особено во текот на 2016 година, кога и склоноста за располагање со странска валута привремено се зголеми.

Придобивки од воведување евро:

- Намалувањето на валутен ризик

- Значително намалување на трансакциските трошоци

- Олеснет проток на стоки, услуги, капитал и луѓе

- Помала премија за ризик

- Намалување на каматните стапки

- Поддршка во случај на финансиски тешкотии

- Пристап до европскиот механизам за стабилност

Недостатоци:

- Откажување од сопствена монетарна политика

- Пораст на цените (ефектот е многу мал и привремен, главно кај услугите)

- Еднократни трошоци за банкноти и монети, приспособување на системите и едукација на јавноста

 

Анита Салтировска

Фото: Борис Грданоски

Споделување со вашите пријатели: