Мукоски: Не сум размислувал за враќање во ВМРО

Мукоски: Не сум размислувал за враќање во ВМРО
Понеделничката средба за иднината за Специјалното јавно обвинителство меѓу лидерот на опозицијата и осумте пратеници, кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, доби неочекуван заплет откако Христијан Мицкоски им ја подотвори вратата за нивно враќање во партијата. На осумката што во последен момент ја „предаде“ партијата, како што беа обвинети по гласањето за договорот со Грција, по петмесечно избегништво им се мавта пред очите со клучевите од белата палата. Тие, пак, не се имуни на зборовите на лидерот на партијата бидејќи, како што велат, ВМРО и никогаш не излегло од нив.

Не било разговарано за враќање

Според информациите, на понеделничката средба во Собранието, иницирана од Мицкоски, а на која присуствувале сите осум „независни“ пратеници (Крсте Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Нола Исмајлоска-Старова, Зекир Рамчиловиќ, Емилија Александрова, Елизабета Канческа-Милевска и Владанка Авировиќ), тема на разговор бил статусот на Катица Јанева и нејзиниот тим, актуелната политичка состојба и иднината на земјата. Стравувајќи дека власта ќе го примени истиот метод како за уставните измени и ќе „брцне“ во дворот на опозицијата за да стигне до двотретинско мнозинство, Мицкоски ги повикал за да им ги образложи ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, тој индиректно побарал „непринципиелната коалиција“ меѓу владата на СДСМ и исклучените од ВМРО-ДПМНЕ да престане да важи секојпат кога премиерот Зоран Заев ќе има потреба од тоа.

На средбата воопшто не стана збор за наше враќање во партијата ниту, пак, претходно сме разговарале за тоа“, потврдуваат од независната пратеничка група.

Но, еден ден подоцна, Мицкоски јавно рече дека постои можност осумтемина пратеници да се вратат во старото јато.

Секогаш во животот постојат работи што имаат реверзибилна насока. Апсолутно е можно, би бил несериозен ако речам дека тоа не е можно“, рече првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквата понуда е примена со нота на изненадување во независната пратеничка група. Крсто Мукоски, еден од тројцата пратеници што добија амнестија за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, признава дека не очекувал таква изјава од Мицкоски.

Искрено, не сум размислувал за мое враќање во ВМРО-ДПМНЕ, па затоа не можам да го коментирам ставот на Мицкоски“, вели Мукоски за „Независен весник“.

Сепак, во разговор со членовите на „Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија“, како што гласи нивниот официјален назив, може да се слушне дека тие не се имуни на изговорените зборови на Мицкоски бидејќи тие и никогаш не престанале да се чувствуваат како дел од нивната матична партија.

Не се откажавме од идејата на ВМРО

Несериозно би било во овој момент да излегуваме со некакви изјави кога ние немаме официјална понуда од ВМРО-ДПМНЕ за враќање во партијата. Треба да се види кога, како и во кои услови би се вратиле назад. Како би се надминале недоразбирањата во минатото, како би ни се споиле гледиштата за иднината. Ние, сепак, не се согласуваме со дел од политиките на актуелното раководство. Но, реално, за сиве овие месеци, во ниту еден момент не се откажавме од идејата за ВМРО, тоа е нашата матична партија“, велат дел од пратениците со кои разговаравме.

Координаторка на независната пратеничка група е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која е една од оние кои во октомври минатата година гласаа за пристапување кон уставните измени согласно со Преспанскиот договор, додека нејзините тогашни сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ стоеја пред вратите на собраниската сала негодувајќи и дофрлајќи им. Обезбедувајќи ги потребните 80 гласа за пристапување кон промена на Уставот, а потоа и за прогласување на уставните измени, сега независните пратеници си „обезбедија“ и исписници од ВМРО-ДПМНЕ, но потоа дел од нив и амнестија за учеството во настаните на 27 април.

Оние седум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои постапија спротивно на партискиот став и волјата на граѓаните кој беше, пак, партиски став едногласно донесен и на извршниот и на централниот комитет и во координација со пратеничката група - ме разочараа мене, но тоа и не е толку важно затоа што пред сè ја разочараа партијата и татковината и ќе треба со тоа да живеат. На некои од нив можеби им било ветувано ослободување од обвиненијата, а биле понудени и пари, но како човек не можам да ги оправдам ниту, пак, да ја разберам нивната постапка“, рече Мицкоски во драматичната вечер кога се случи пресвртот во Собранието, по што беше закажана итна седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај седумте пратеници (Владанка Авировиќ е од Социјалистичката партија), шут-карта добија и Сашо Мијалков и Никола Тодоров, кои беа „осудени“ дека помогнале во лобирањето за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство во парламентот.

Горан Адамовски

Споделување со вашите пријатели: