Агенцијата „Одмори се“ во стан на судијка

Агенцијата „Одмори се“ во стан на судијка
Истражувањата на „Независен весник“ околу туристичките агенции „Одмори се“ и „Одмори“, на братот и сестрата Ненад и Тања Марковски, продолжува со нови моменти. Да потсетиме дека за овие агенции добивме неколку поплаки од граѓани дека уплаќале аранжмани, а добиле само билети во еден правец или турите воопшто не се реализирале.

Последен беше случајот со двете студентки кои договарале аранжман за Истанбул преку „Одмори се“, а парите ги уплаќале на жиро-сметка која ѝ припаѓа на фирмата „Одмори“. Пишувавме дека на првата фирма „Одмори се“, чиј основач и сопственик е Ненад Марковски, сметката е блокирана, иако оваа агенција сè уште поседува лиценца од А-категорија за вршење туристичка дејност, која е издадена од Министерството за економија. Марковски тврди дека оваа фирма има започнато постапка за стечај. Втората фирма, „Одмори“, чиј основач и управител е сестрата Тања Марковска, воопшто не побарала и нема лиценца. Сепак, парите за аранжманот во Истанбул, во кој студентките добија само билет во еден правец, легнале на сметката на оваа фирма.

И двајцата основачи и сопственици на „Одмори се“ и „Одмори“, Ненад и Тања Марковски, според Централниот регистар, живеат на истата адреса во Кисела Вода. Дополнително, фирмата на Ненад, „Одмори се“, се води со седиште на истава адреса. Истражувајќи понатаму во врска со адресата, преку јавно достапните информации од Катастарот, дојдовме до податок дека сопственик на станот во Кисела Вода е Надица Марковска, мајка на Тања и Ненад Марковски.

Со оглед на тоа дека Надица Марковска е судија во Основниот суд во Кратово, ги проверивме податоците за имотот што таа има законска обврска да го пријави во анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата како избран функционер. Но не го пријавила овој стан. Марковска поднела анкетен лист до Антикорупциската комисија во 2003 година откако била назначена за претседател на Основниот суд во Кратово на 12 декември 2002 година. Тогаш не го поседувала овој стан во Кисела Вода.

Сега работи како судија во истиот суд и, според годишниот извештај за работа, Марковска работи на кривична, граѓанска, вонпроцесна и извршна материја.

Но од 2003 година досега не пријавила промени на имотот во анкетниот лист, иако тоа е предвидено со Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. Таа вели дека не пријавила промена бидејќи станот го купила подоцна.

- Тој стан е купен на кредит и сè уште не е исплатен, затоа и не е пријавен - ни рече Марковска во телефонски разговор.

На дополнителното прашање дали знае дека фирмите на нејзините деца се поврзуваат со оваа адреса и дали ги следи написите во медиумите дека граѓани се жалат на измами, таа ни одговори:

„Не читам весници и не знам за што се работи. Не се занимавам со тоа. Јас сум во Пробиштип и во Кратово. Тука си имам друга работа“.

Таа негира дека има некаква поврзаност во туристичките агенции.

Во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија во 2003 година пријавила недвижни заеднички имоти како земјоделско земјиште во Злетово во вредност од 100 илјади денари, куќа во изградба во вредност од 250 илјади денари, исто така во Злетово, стан во Пробиштип во вредност од 650 илјади денари, деловен простор во вредност од 60 илјади денари. Во заеднички движен имот пријавено е моторно возило „пежо 405“ од 1993 година во вредност од 250 илјади денари. Од личен имот пријавено е побарување по основ за извршена работа во вредност од 300 илјади денари, како и кредит од 100 илјади денари.

Марковска во анкетниот лист не навела основ на стекнување на ниту еден од имотите. За ова, Марковска вели дека тоа што тогаш се барало од Антикорупциската комисија, тоа го доставила.

Од Антикорупциската комисија велат дека, согласно членот 85 од Законот за спречување на корупцијата, Марковска била обврзана да ја пријави промената на имотот.

„Од наведената одредба произлегува дека именуваното лице било обврзано да пријави промена на имотната состојба доколку се стекнало со сопственост на станот, односно доколку е запишано како сопственик во јавната книга за запишување на правата на недвижностите. Исто така, наведеното лице било обврзано да го пријави и подигнувањето на кредитот за купување на станот. Согласно членот 109 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на избрано или именувано лице доколку во рок од 30 дена не го пријави секое зголемување на неговиот имот, односно на имотот на член на неговото семејство“, велат од Државната комисијата за спречување на корупција.

Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Антикорупциската комисија може да формира предмети и по допрен глас.

Инспекторатот сè уште работи на случајот за турата во Истанбул

Во врска со аранжманот во Истанбул, студентките поднесоа пријава до Државниот пазарен инспекторат по што инспектори излегоа на терен. Првиот човек на оваа институција, директорот Стојко Пауновски, во изјава за „Независен весник“ вели дека сè уште се работи на овој случај и дека има рокови што ги запазуваат.

- Нашите инспектори излегоа двапати на терен, но тогаш им беа врзани рацете за да преземат нешто бидејќи аранжманот го правела една агенција, а парите се уплатени на друга. Она што може да направиме е да бараме повраток на средствата. Меѓутоа, немаме уште постапено затоа што се чека да видиме дали ќе се договорат странката и туристичката агенција. Се запазуваат одредени рокови и случајот не е завршен - вели Пауновски.

Во минатото во Државниот пазарен инспекторат имале случаи кога граѓани пријавувале туристички агенции за неисполнување на договорите, но бидејќи агенцијата не сакала да соработува и да ги врати парите, биле парично казнувани двојно или тројно повеќе отколку што било предвидено обесштетувањето во договорот. За некои агенции се носеле и одлуки да им се одземе лиценцата за работа.

За Марковски имало пријави до пазарниот инспекторат и претходно за нереализирана тура за Рим, која требало да се случи викендот на 11 октомври 2018 година.

По серијата текстови објавени во „Независен весник“ за аранжманите на „Одмори“ и „Одмори се“, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски најавија измени на Законот за туристичка дејност со цел да се намалат токму вакви нелојални конкуренти во оваа сфера и да се намали измамувањето на граѓани. Предлог-измените на овој закон ќе предвидуваат банкарска гаранција од 50 до 100 илјади евра за туристичките агенции, која, доколку направат измама или не се почитува договорот со потрошувачите, ќе биде активирана. Понатаму, нема да се дозволува компаниите што ќе добиваат казни да го менуваат името или да регистрираат нови фирми со слично име и повторно да бараат лиценцирање. Бектеши и Пауновски упатија совети до граѓаните да внимаваат при купувањето на интернет, а конкретно за туристичките аранжмани да ги проверуваат дали се лиценцирани во регистарот на туристички агенции на интернет-страницата на Министерството за економија.

Ивана Настеска

Споделување со вашите пријатели: